Кога жената ќе стане мајка, таа мора да порасне

Моите бебиња имаат десет и пол месеци. Близнаци, момче и девојче. Од моментот кога ги отворија своите убави кафени очи една ноќ во септември, ми го украдоа срцето засекогаш и внесоа неопислива радост и смеа во нашето мало семејство. Се поврзаа со нас со нераскинливи врски. Кога размислувам за љубовта, се сеќавам на мајка ми кога ми зборуваше: „Дури кога ќе родиш деца, ќе сфатиш што е тоа љубов“, алудирајќи на моите заљубени очи кога со гордост зборував за мојот сопруг. А јас баш од моментот кога ги добив нив, уште повеќе го сакам него. Не можам таа љубов да ја раздвојувам на помала и поголема, тие се моето „едно“. Тие се мали магионичари, мали куќни џуџиња поради кои собата секогаш е полна со смеа до доцна во ноќта.

Јасно ви е дека не би се менувала со никого за никакви пари.

Сакам да кажам нешто за растот. Растот, физички и психолошки, често е болен и непријатен процес. Се сеќавам колку ме болеа коските и мускулите додека растев во пубертетот. Малите бебиња сигурно имаат слични непријатни чувства бидејќи нивното тело се развива уште поинтензивно.

Мајчинството удира на најболните точки

Психолошкиот раст и развој е еднакво болен. Кога жената ќе стане мајка, таа мора да порасне. Нема назад. Мајчинството удира на најболните точки, а раздразливоста, неснаоѓањето во новите меѓучовечки релации, недоволниот сон, промената на телесниот изглед и непрепознавањето на сопствените нови телесни одговори ги доведуваат во прашање нејзините најстабилни точки на потпора.

Нејзиното тело во тој период не е секогаш сигурна потпора бидејќи неговите реакции се неочекувани, телото само се приспособува на новонастанатата ситуација, хормонските промени, процесот на доење, новите извори на напнатост и стрес. Таа не може да дознае, еднакво самоуверено како порано, кои се вообичаените реакции, а кои не се. Физичкиот изглед сигурно ѝ се менува и на тоа треба да се приспособи (истражувањата покажуваат дека дури и промената на телесниот изглед може да претставува психолошки стрес). Успешно совладаните развојни задачи, односите со мајката и другите блиски луѓе што достигнале здраво, функционално ниво, сега се повторно ставени на тест.

Сите нејзини лични несигурности и сомнежи во себе, сите трауми и недовршени психолошки процеси од детството можат повторно да оживеат. Сето ова жената треба да го совлада и успешно да го надмине кога ќе стане мајка. Од тоа ќе биде посилна и помудра, со јасен поглед и со неспоредливо поголема храброст, но сето тоа е многу тешко додека трае. Ќе се чувствува, на моменти, дека сè што излегува од нејзината уста ќе биде погрешно сфатено. На моменти ќе мисли дека сето она што ќе го допре, ќе го расипе. Дека секогаш ја учи лекцијата отпосле. Каков и да бил денот, на крајот сака само да се заврши и да оди на спиење. Само ноќта да биде мирна.

Тоа чувство е привремено.

Ќе ти кажам нешто, ако понекогаш и ти така се чувствуваш. Кога ќе биде најтешко, кога ти се чини дека нема да дојдат некои убави и среќни денови, на ѕидот стави календар. Почекај ја ноќта и со црвен фломастер пречкртај го денешниот датум. Утредента направи го истото. Така прави секој ден во наредниот месец. Не очекувај ништо од себе за тоа време, ниту да бидеш полна со самодоверба, ниту да чувствуваш сигурност во себе, не очекувај ни да го имаш она чувство дека ги држиш сите конци в рака, дури не очекувај ни да бидеш среќна. Наредниот месец не проценувај ги своите способности, не размислувај за тоа дали си добра мајка, добра сопруга, снаа, ќерка. Само прави го тоа што мораш да го направиш.

Бидејќи важно ми е да знаеш – тоа чувство е привремено, ќе помине. Можеби ти се чини како вечност, но ќе помине. Бидејќи растеш интензивно, и тоа мора да боли. Мора да доминира стравот бидејќи сето тоа ти е нешто ново. Не е рутински, сето тоа мора да го правиш свесно. Како кога си полагала возачки испит, се сеќаваш. Мораше да водиш сметка и за менувачот, и за кочницата, и за пешаците, и за звуците што ги слушаш, и за семафорите. Стравот беше неопходен бидејќи тој ти ги изоструваше сетилата и го тераше мозокот побрзо да работи. Но, како што стануваш поискусна и повешта, така една по една од овие работи оди во мускулната меморија и рацете сами работат. Прво се научи да не обрнуваш внимание на менувачот, па автоматски да застануваш на црвено. Веќе не мораше да размислуваш за тоа и да се потсетуваш. Тогаш и стравот почна да се намалува бидејќи веќе не беше потребен.

Така е и со родителството. За месец-два стравот ќе биде помал бидејќи ќе научиш многу работи. Да, секогаш ќе има нови задачи за совладување – детето ќе почне да оди, на пример. Но, во сликата за себе ти ќе имаш податок дека сето тоа претходно си го совладала и ќе бидеш посигурна во себе. Ќе знаеш дека го можеш тоа.

Затоа, штом го прочиташ ова, колку и да ти е тешко, стани. Подигни се од подот. Направи го тој список за шопинг, оди на пазар, зготви супа, нахрани го бебето, заврши ги една по една тие секојдневни обврски и само биди трпелива. Наскоро ќе дојде ден кога сѐ ќе гледаш во сосема поинакво светло, верувај ми.

Автор: Жељка Курјачки-Станиќ, психотерапевт



912

X