Кај децата, личноста и формирањето на чувството за лична вредност сè уште се градат, па навредите од најблиските се токсични за нивниот развој, а кога таткото и мајката често го прават тоа, станува збор за психичка злоупотреба на детето.

Постои голема разлика помеѓу кажана навреда и некој да се чувствува навреден. Луѓето, вклучувајќи ги и децата, можат да се навредат за што било, секојпат кога ќе заклучат дека некој друг ги омаловажил со некоја своја постапка. Чувството за навреда е субјективно, што значи дека луѓето може да се почувствуваат навредени и кога имаат и кога немаат причина за тоа. Од друга страна, кажаната навреда во вид на негативна етикета, дисквалификација што се однесува на друга личност е повик и причина за друг да се почувствува навреден.

Постои голема разлика во тоа дали навредата е кажана од возрасна личност или од дете, особено мало дете. Возрасните имаат оформена слика за себе, изграден идентитет и развиено чувство на лична вредност. Ним не им е пријатно кога некој ги навредува, но може да изберат на навредата да реагираат со игнорирање и повлекување.

За разлика од нив, децата се во процес на градење на личноста и формирање на чувството за лична вредност. Ним им е потребно да се чувствуваат сакани и прифатени со цел да изградат позитивна слика за себе. Поради тоа, навредата како порака дека тие како суштества не се достојни или не се вредни го отежнува овој процес, водејќи ги до заклучок дека тие не се доволно вредни човечки суштества.

Израз на лутина

Колку му е поважна личноста што го навредува, толку е помоќен ефектот на навреда врз детето. Бидејќи родителите се многу важни за детето, нивната навреда има токсичен ефект врз развојот на детето. И една изолирана ситуација на навреда може да биде многу важна за детето да ја запомни за цел живот, оставајќи трајни последици врз неговата слика за себе. Кога родителите повторно и повторно, систематично го навредуваат детето, тоа е психичка злоупотреба на детето, така што треба да се заштити од таков родител или старател или да се влијае ова возрасно лице да го промени стилот на „воспитување“.

Зошто родителот кажува навреди од типот „идиоту“, „мајмун“, „будало“ и слично? По правило, навредуваат оние што претходно се почувствувале навредено. Секоја навреда во комуникацијата е еден вид „изедначување“ со оној што претходно се навредил. Тоа значи дека родителот претходно имал некои очекувања или барања од детето што тоа не ги исполнило, поради што родителот се почувствувал непочитуван, омаловажен, неважен, па на детето му „враќа“ на ист начин.

Во практика е релативно честа ситуацијата еден родител во некоја конфликтна ситуација да му упати навреда на детето, поради што реагира другиот родител напаѓајќи го првиот родител пред детето за да го заштити, така што настанува конфликт меѓу двајцата родители. Додека едниот родител бара од другиот да се изрази на друг начин, без навреда, другиот родител го напаѓа првиот дека „му го руши авторитетот“ пред детето. Наместо да дојде до промена, ваквите расправии се повторуваат секој месец.

Што треба да сфати родителот кој својата лутина кон детето ја изразува со навредување? Фундаментално е да се почне да се разликува детското однесување од детето како личност. Навредите се секогаш упатени некому како етикета што се „лепи“ на личноста, а не на нејзиното однесување. Децата се добри, додека нивните постапки некогаш не се. Во конфликт, родителите треба да бараат од детето да го промени однесувањето, а не негативно да го етикетираат како личност. Логиката на негативна етикета е дека вклучува можност за промени. Ако некој е дефиниран како „глупав“, тогаш тоа значи дека е исклучено да размислува паметно и да се однесува на паметен начин.

Презир, негација на љубовта

Кога родителот ќе почне да прави разлика меѓу детето и неговите постапки, тогаш станува способен да го разликува чувството на лутина од чувството на презир. Навредата е знак за презир. Додека лутината е всушност барање другата личност да го промени своето однесување, презирот е порака до другата личност дека е безвредна и заслужува да биде отфрлена. Додека лутината е порака дека саканото дете треба да го промени однесувањето, презирот е негација на љубовта. Затоа, лутината и љубовта може да одат заедно, бидејќи едно е односот кон постапката на детето, а друго – односот кон детето како личност. Презирот, изразен вербално, дали директно или како навреда или на некој индиректен начин или невербално, е негација на љубовта.

За правилен развој, на децата им се потребни љубов и дисциплина, а презирот, отфрлањето и навредите не само што ја негираат љубовта и не придонесуваат за дисциплината, туку и придонесуваат за развој на идна психопатологија, објавува српска „Политика“.

Автор: Зоран Милвојевиќ



912

X