Потењето на главата кај бебињата може да биде сосема безопасна појава, составен дел од растењето, но понекогаш е и знак за одредени опасни состојби.

„Главата на моето бебе претерано се поти, дали треба да бидам загрижена?“ – ова е само едно од прашањата, една од грижите што ја споделуваат мајките на многубројните форуми за родители. Зошто се потат главите на бебињата, дали оваа состојба е опасна и како може да се спречи?

Постојат многу причини за овој феномен. Прво, најлогично е да се провери како е облечено детето. Споредете ја неговата облека со облеката што ја носите вие. Ако е топол летен ден и носите лесна облека, треба да изберете иста облека за вашето дете. Кога го подготвувате за спиење и го ставате в кревет, изберете тенко ќебе – топлите волнени ќебиња се посоодветни за зимско време.

Исто така, експертите истакнуваат дека младите мајки треба да бидат свесни дека новороденчињата поголемиот дел од времето го поминуваат во најдлабокиот стадиум на сонот, што значи дека многу е поголема веројатноста да се потат и да се разбудат со влажни глави. Ако на ова го додадеме фактот дека главата на новороденото дете сочинува значителна површина од неговото тело, не е чудно што таа се поти. Од друга страна, иако оваа појава е нормална, доколку се случува во голема мера, веќе може да биде аларм за посета на лекар.

Прекумерното потење на главата кај бебињата може да биде предизвикано од инфекција или знак за вродена срцева мана.

Треба да се земе предвид и дека телото на бебето е сè уште многу неразвиено и не „работи“ со полн потенцијал, особено не е регулирано воспоставувањето и одржувањето на основната телесна температура. Детето можете да го ставите во креветчето со потполно сува глава, а кога ќе се вратите, ќе видите дека неговото главче се испотило. Немојте да се изненадите ако поминат неколку месеци пред неговото тело да научи нормално да ја регулира телесната температура. Со текот на времето ќе забележите дека почесто се буди со сува глава!

Освен тоа, ако е прво дете, мајките често знаат да претераат во обидите да го заштитат своето дете. Па често го кријат претерано, заштитувајќи го од најголемиот непријател на луѓето на Балканот – провевот, не знаејќи дека му нанесуваат поголема штета. Ако температурата во домот е удобна, па мајката не треба да носи џемпер, зошто би носело бебето? Можеби главата на бебето се поти само затоа што е премногу облечено…

Извор



912

X