Здравје

Кога поставуваме сомневање за уроинфекција?

Инфекциите на уринарниот тракт (уроинфекциите) се најчести заболувања на уринарниот тракт во детската возраст, а според зачестеноста се на второ место, по респираторните инфекции. Ризикот за заболување е 3-5% кај женски деца и 1-2% кај машки деца. Разликата се должи на анатомските особености: кај женските деца уретрата е кратка, рамна и поширока, споредбено со уретрата кај машките деца.

Поради наведената зачестеност, склоноста кон повторување, поврзаноста на уроинфекциите со аномалии на уринарниот систем, долготрајното лекување, трајното оштетување на бубрезите, како и поради можноста за превенција, овој здравствен проблем има големо значење. Уроинфекцијата ја дефинираме како инвазија на микроорганизми во ткивото на уринарниот систем, а најчеста причина е бактериска инфекција.

Околу 90% од уроинфекциите настануваат поради ретроградно ширење бактерии преку уретрата. Околу 80% од инфекциите се предизвикани од бактеријата Escherichia colli.

Кога поставуваме сомневање за уроинфекција?

Кај новороденче симптомите се неспецифични – најчесто новороденото слабо напредува, тешко се храни, а може да има и потешка клиничка слика – да биде хипотонично, да има конвулзиии, а често и олигурија.

Кај доенче и дете до три годишна возраст, први знаци на уроинфекција се покачена температура, повраќање, пролив, нејасно плачење, стомачни болки, промени во бојата и мирисот на мочката.

Кај поголемо дете симптомите се покарактеристични за уринарниот систем: често мочање, болка при мочање, печење при мочање, покачена температура, ноќно мочање, стомачна болка, промени во бојата и изгледот на мочката.

Некогаш може и кај поголемо дете уринарните инфекции да бидат асимптоматски или со некарактеристични симптоми. Дијагноза се поставува врз основа на значителна бактериурија – наод на повеќе од 100.000 бактерии во 1ml свежа урина добиена од среден млаз.

Покрај бактериурија, може да има и леукоцитурија (повеќе од 10 леукоцити во mm3 урина), блага протенурија, хематурија, пиурија. Кај сите деца со докажана уринарна инфекција треба да се направи дополнителна дијагностичка обработка.

Лекувањето се состои од антимикробни лекови според антибиограм, зголемен внес на течности, мирување и симптоматска терапија.

Уроинфекциите кај 50% од децата се повторуваат и кај нив е потребна профилакса. Децата кои имаат повторувачки уроинфекции или аномалии на уринарниот систем треба редовно да се следат.

Како да се едуцираат родителите за превенција на уринарна инфекција кај децата?

  • начин на одржување хигиена на гениталиите: миење од напред кон назад по дефекација. Така се спречува пренос на бактерии од ректум кон уретра.
  • детето да го потсетуваат редовно да моча, барем на три часа
  • ако има детето опстипација – таа да се третира
  • да не користат парфимирани сапуни и влажни марамчиња за хигиена на гениталиите
  • да го потсетуваат детето да внесува доволно течности (зависно од возраста)
  • правилно да го земаат примерокот урина за анализа

Заклучок

  • навремено да се постави дијагноза кај секое сомневање за уроинфекција
  • брзата уролошка обработка и соодветна терапија овозможува детето да се излекува без
    последици
  • едукација на родителите чие дете има уринарна инфекција овозможува поголем успех во
    третманот
  • рецидивантните уроинфекции треба редовно да се следат и да се врши профилакса
  • при секоја нејасна фебрилност треба да се земе примерок урина за анализа, како би се
    исклучила уроинфекција.

др. Елица Станишлевиќ, специјалист по педијатрија
ПЗУ „Др. Елица Станишлевиќ“

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top