Уште пред две илјади години грчките филозофи и учители барале начин да ги објаснат различните карактерности, т.е. особености што ги уочувале кај луѓето, а подоцна психолозите ја обработиле теоријата на грчкиот лекар Хипократ, кој сметал дека во организмот течат четири вида течности (жолчка, крв, црна жолчка, слуз), кои се мешаат и во зависност од тоа која течност преовладува во организмот, таков темперамент ќе има човекот.
Денеска се знае дека темпераментот зависи од дејствувањето на вегетативниот нервен систем, жлездите со внатрешно лачење и некои делови од ЦНС (централен нервен систем), па темпераментот поврзан со специфичниот начин на реагирање на единката на различни дразби и ситуации. Таквата психолошка природа е предодредена и има генетска предиспозиција.
Во воспитниот процес особено е важно родителот да ја препознае и прифати природата, т.е. темпераментот на своето дете, со што ќе му овозможи интегриран развој.
Сангвиник
Тоа се личности полни со енергија, сакаат прошетки, забава и излегувања. Сангвиникот бара внимание, одобрување, прифаќање од луѓето и врсниците што го опкружуваат. Сака да биде центар на вниманието и ужива мотивирајќи ги другите околу себе. Поттикнува разговор, дружељубив е и отворен, оптимистички настроени, но може да биде неорганизиран и хиперсензитивен на туѓото мислење за нив.
Колерик
Тие имаат моќна природа и сигурно се стремат кон некаква цел, живеат за достигнување успех и за тоа да бидат наградени, брзи се, лесно се организираат. Од луѓето околу себе бараат предаденост, лојалност и признание. Поради нивната самодисциплина, може лесно да бидат лидери, но можат да се окупираат со нешто, да станат воркохолици, што ги прави неемпатични и тврдоглави.
Меланхолик
Тоа се тивки, длабоки личности кои се стремат кон совршенство и сѐ што ним им е важно, па поради тоа често знаат да бидат разочарани од резултатите што ги постигнале. Потребна им е поддршка од другите, психолошка слобода, мир. Поради својот перфекционизам, можат да станат самокритични и песимистички настроени поставувајќи си секогаш високи критериуми.
Флегматик
Тоа се луѓе во рамнотежа, кои можат лесно да станат задоволни личности. Пасивни се и не сакаат промени, предизвици, ризик, изненадувања. Тоа им создава стрес и немир. Поради слабата иницијативност и немотивираност, често прокрестинираат или одлагаат ако не се во близина на силен водач. Сакаат мир и тишина, почитување и чувство на вредност. Еднаш еден флегматик рече: „Зошто да стојам кога можам да си седнам“. Таквата реченица целосно го опишува флегматикот.
Всушност, кога не сме такви какви што сме создадени, целиот наш живот станува глума и театар. Глумиме улоги кои не ни се блиски и реални.
Сето тоа на крајот исцрпува и таквото согорување го нарушува менталното здравје. Природата е важна и од неа не можеме да избегаме. Ни преостанува да ја прифатиме и да го скроиме најубавото нешто спознавајќи ја и откривајќи ја.
912