Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има една и пол година. Многу зборува, почнува дури и да спојува реченици, паметна е и хиперактивна. Можам да кажам дека е и доста тврдоглава, според постапките. Нашиот проблем почна пред еден месец. Никако не може да разграничиме мое-твое. Сè е нејзино. Играчки никако не дава. А ги сака играчките од други деца. Кога некое дете ќе земе некоја од нејзините играчки, веднаш реагира со многу плачење. Не само што оди и веднаш си ја зема играчката, туку тоа го прави врескајќи. И тоа за која било играчка. Кога сме надвор, ако некое дете си игра со топка, веднаш се упатува да му ја земе. Ќе ја тргнам настрана, но веднаш почнува да вреска.
Пред зграда ако има деца што возат велосипед или тротинет, веднаш оди кај нив и плаче. Зборувам по цел ден, сите зборуваме, но залудно е. Проблемот е што и дома со нас така реагира. На пример, ќе ѝ земе татко ѝ некое мече, па таа веднаш трча кај него и си го зема назад или плаче. Плаче до степен да не можам да ја смирам. Кога треба да е во контакт со деца, веќе почнува и мене да ме фаќа нервоза бидејќи знам што ќе се случува, колку ќе плаче и ќе се вознемири. Не знам каде правиме грешка, но морам да најдам решение. Напролет ќе тргне во градинка и знам дека ќе има плачење, но се надевам дека малку ќе се смени. Барам совет и помош и од вас.
ОДГОВОР: Драга мајка, многу родители се соочуваат со сличен проблем како вашиот, но треба да знаете дека имате здраво, паметно и комуникативно дете кое одлично се развива.
Се согласувам со вас дека полесно би било кога таа би ги споделувала своите играчки со други и целосно ја разбирам нервозата што ви се јавува пред да воспоставите контакт со други деца затоа што веќе знаете што ќе се случува.
Споделувањето е концепт кој децата го разбираат некаде околу третата година, а вашата малечка сè уште ја нема достигнато таа возраст. Играчките се нејзиниот свет, нешто што ѝ припаѓа само нејзе и нормално е да се лути и фрустрира кога некој се обидува да ги земе. Тоа што сака да ги зема туѓите играчки укажува на развојот на нејзината љубопитност. Затоа, следниот пат кога ќе се случи да плаче и врека кога некој ќе земе нејзина играчка, оставете ја, не осудувајте ја и немојте да користите негативни коментари од типот „скржава си“ или „лошо девојче си, нема никој да те сака“.
Доволно е само да ѝ дадете до знаење дека сте тажни поради нејзиното однесување и дека исто така и нејзиното другарче е тажно и разочарано.
Децата треба да се научат дека давањето и позајмувањето немаат исто значење, и дека играчката што ќе им ја позајмат на други деца ќе им биде вратена за одреден временски период.
Затоа, следен пат пред ви дојдат деца на гости, ви предлагам да зборувате и да го подготвите вашето дете пред нивното пристигнување. Кажете му дека ќе бидете многу среќни и горди доколку ги споделува играчките и потсетете ја како си играла со играчките на истото детенце кога таа била кај него на гости. Зборувајте ѝ дека поседува прекрасни играчки кои треба да ги покаже пред другите, на некој начин да се пофали со нив. Можете да направите и договор омилените играчки да ги сокриете и дека тие нема потреба да ги дели, а другите да ги споделува. Така ќе знае дека сте на нејзина страна и дека ја разбирате.
Со текот на времето ќе созрее и ќе почне да споделува со другарчињата. Ќе сфати дека е позабавно да има друштво отколку да биде сама со своите играчки.
Пожелно е вие како родители да ѝ кажете дека ви е јасно во чија сопственост се играчките, па затоа следниот пат кога тато ќе сака да ѝ го земе мечето, нека побара прво нејзина дозвола и важно е да ѝ каже дека штом ќе го види и погали мечето, ќе ѝ го врати.
Не заборавајте да ѝ се заблагодарите, секогаш пофалувајте ја за доброто однесување и покажете ѝ колку сте среќни кога ќе одлучи да сподели нешто со некој друг. Повторувајќи ги често ваквите вежби, вашето девојче ќе биде привлечено од позитивниот став, ќе се чувствува моќна затоа што ве прави среќни и горди родители и со текот на времето ќе ги повторува постапките на споделување.
Исто така, важно е да знаете дека децата учат по модел, а тоа се најчесто родителите. Поради тоа, дозволете му на вашето дете да види како вие споделувате со другите. На пример, покажете ѝ дека вашиот сопруг пие кафе во вашата омилена шолја или дека ја ѝ позајмувате вашата јакна на нејзината баба и сл. Можете и да цртате нешто заедно, па да дозволите цртежот да го видат другите членови од семејството.
На крај би додала да запомните дека е нормално детето на оваа возраст да не споделува бидејќи развива чувство што значи да има нешто свое и нека не ве плаши тргнувањето во градинка. Врз однесувањето на детето големо влијание има средината во која расте и се развива. И сами ќе видите како со текот на времето ќе созрее и ќе почне да споделува со другарчињата. Ќе сфати дека е позабавно да има друштво отколку да биде сама со своите играчки.
Одговара: Ивана Велевска, лиценциран психолог, Семеен и системски советник,
е-пошта: ivana.blazevska22@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912