Момче или девојче? Кога станува збор за полот на бебето, идните мајки сакаат да дознаат што е можно порано. Иако здравјето на бебето е најважно, многу родители сепак со нетрпение очекуваат да ја откријат оваа тајна.
Полот може да се открие уште во 11. недела
Благодарение на современата медицина, денес со сигурност од 95 до 99 отсто може да се утврди полот на бебето уште од 11. недела од бременоста. Главната причина за тоа најчесто е љубопитноста на родителите, иако во поретки, но многу поважни случаи полот се утврдува поради медицински причини, на пример, ако постои ризик од генетски заболувања поврзани со машкиот пол (како хемофилија или некои невромускулни болести).
Современите, прецизни ултразвучни апарати овозможуваат да се видат деталите на развојот на плодот уште во раната бременост. Најточна е методата е агол на половиот јазол кој може да се забележи со ултразвук од 11. недела.

Во оваа фаза не може директно да се види полов орган, туку т.н. „генитален туберкул“ – израсток кој претставува почетен стадиум во развојот на пенисот или клиторисот. Иако изгледот му е ист и кај машкиот и кај женскиот пол, разликата е во аголот на израстокот во однос на ’рбетот.
– Кај машките, аголот меѓу половиот израсток и долниот дел од ‘рбетот е поголем од 30 степени и насочен нагоре. Кај женските, аголот е помал од 30 степени и израстокот е поставен паралелно со ’рбетот“ – објаснува д-р Петра Подобник Брлечиќ, специјалист по гинекологија и акушерство.
Оваа метода обично се применува при ултразвучен преглед во 12. недела, но е многу важно аголот да се прикаже точно бидејќи во спротивно може да се донесат погрешни заклучоци.
ДНК-тестирање уште од 10. недела
Во последниве години со помош на напредни техники за анализа на фетална ДНК од крвта на мајката можно е да се открие полот уште во 10. недела од бременоста.
Овие тестови, покрај најчестите хромозомски аномалии (како тризомија 21, 18 и 13), откриваат и аномалии на половите хромозоми (Х и Y), а со тоа и полот на нероденото дете. Иако откривањето на полот е дел од резултатите, примарната цел на овие тестови е процената на ризик од Даунов синдром.
Цената на ваквите тестирања е висока, но нивната вредност е далеку поголема од откривањето на полот.