Кога едно мало суштество ќе стане дел од вашиот свет, сè се менува, вклучувајќи ги и прошетките. Порано можевте да ја напуштите куќата само со вашите клучеви и паричникот, но сега тоа веќе нема да биде можно. Вашето дете има поголеми потреби за кои треба да размислите пред да одите на прошетка низ соседството.
Што треба да понесете на кратки или на долги прошетки?
Зависи од тоа дали доите или детето е на вештачко млеко, дали одите на прошетка со количка или го носите детето во кенгур. Сепак, пешачењето има многу предности за бебето.
Кратка листа со неопходни работи за прошетка
-торба за пелени
-влажни марамчиња
-резервна гардероба
-цуцла
-играчка
-ќебе
Секоја поголема кеса може да се користи како торба за пелени. Во неа можете да ставите и влажни марамчиња и подлога за пресоблекување. Во случај на „несреќа на пат“, ќе бидете подготвени да го пресоблечете бебето и да продолжите да уживате во прошетката. Доколку сте со количка, потребната опрема можете да ја ставите во обична најлонска кеса и да ја чувате во количката, без дополнителни кеси.
Добро е да земете резервна тетра-пелена ако сакате да го нахраните бебето, па можете да го кренете на рамо за да подригне. Или ако на прошетка сретнете некој познајник кој навистина сака малку да го подигне бебето, ставете му тетра-пелена на рамо во случај бебето да реши да остави „потпис“ на неговата облека.
Резервната облека е секогаш добра идеја токму поради ваквите можни несреќи. Доколку бебето има цуцла, задолжително понесете си замена бидејќи често се случува цуцлата да исчезне без трага при прошетка. Бебето ќе ја фрли од количката, а вие нема ни да забележите.
Ако доите, нема потреба да носите вода или сок. Ако го храните вашето дете со шише, земете оброк со вас. Во шишето ставете стерилизирана вода, а прашокот ставете го во посебна кеса. Ако е време за хранење, а сте излезени, измешајте ги состојките, протресете и оброкот е готов. Во зависност од возраста на бебето, секогаш можете да земете мало печиво, за секој случај.
Можете да понесете и неколку играчки, но голема е веројатноста дека вашето дете ќе го апсорбира светот околу него, така што нема да биде потребно одвлекување на вниманието со играчките. Ако му растат заби, можете да земете закуска.
Ако одите на прошетка додека го носите вашето бебе во носач, работите стануваат многу поедноставни. Тогаш навистина можете само да ги земете паричникот, клучевите, пелените и марамчињата.
Кога е време за првата прошетка со новороденче?
Многу мајки се прашуваат дали треба да чекаат да поминат тие први 40 дена пред да го изнесат бебето на чист воздух? Педијатарот д-р Џована Армано објаснува дека по царски рез или престој на бебето во болница, не треба да брзате да одите на прошетки, но ако сѐ е во ред и времето е убаво, можете да излезете првпат пред да поминат тие 40 дена. „Во тој период од еден месец од породувањето и бебето и мајката се најчувствителни, па затоа треба да бидат особено заштитени од инфекции и штетни фактори на животната средина“, вели д-р Џована Армано, специјалист по педијатрија, па објаснува дека мајката мора да биде здрава и во добра состојба за да може да оди.
„Во случај мајката да се породи со царски рез, нејзиното закрепнување ќе потрае подолго, така што нема потреба да се брза за излегување. Исто така, доколку бебето од која било причина морало подолго да остане во болница, се препорачува да се чека пред да се прошета“, советува таа.

Зошто прошетката е добра за бебињата?
Прошетката му овозможува на вашето бебе да го истражува светот. Сите звуци, мириси и текстури му даваат на бебето различни можности за развој и учење. Различните сезони нудат други вредни искуства. Промената на боите на дрвјата и лисјата, пеењето на птиците, различните цвеќиња, дури и разликите во температурата му помагаат на бебето да научи преку набљудување на околината.
Дожд, снег, сонце: бебето го впива и памти сето тоа. На прошетки се среќава со луѓе, им се насмевнува и се обидува да комуницира со нив, а со тоа ги практикува своите јазични вештини и ги учи социјалните вештини. Утринските прошетки се одлични и за витаминот Д. Сонцето наутро не е премногу силно и има вашето дете ќе апсорбира што е можно повеќе витамин, кој е неопходен за развој на коските. Младите мајки понекогаш се плашат како ќе излезат сами со бебето и што може да се случи. Што и да се случи, можете лесно да се справите со тоа. Не треба да се плашите да излезете сами со вашето бебе. Подгответе се добро, па вие и вашето дете ќе уживате во тоа. Ако заборавите нешто, лесно ќе се вратите дома. Затоа, спакувајте го вашето бебе и уживајте во свежиот воздух.
Автор: Ема Јуриќ