Можеби не е тренд, но многу сакам да остарам. И така фантазирам. Откако ќе станам вистинска баба, ќе им ја раскажам оваа приказна на внуците. Прво ќе се нервираат што баба била мала и дека постоело време кога ги немало сите оние „паметни“ помагала, а сепак баба не си играла ни со диносаурусите. Никој нема да има баба како нив. Да речеме, ќе ставам десет внуци на колено и ќе почнам:

Мојата мајка, а вашата прабаба, онаа што ме научи како да правам вистински кајмак, еднаш сретна волк. Вистински, крвожеден волк кој живеел во шумата. Како го сретна? Така, убаво. Одеше на работа. А патот до фабриката каде што работеше водеше преку планината и низ шумата. Таа пред зори замина за пред седум да ја вклучи машината за шиење. Половина час подоцна, штом се раздени, на ист начин јас и сестра ми одевме на училиште.

Одеше, одеше – кога одеднаш застана на средина на патот затоа што виде волк. Тој прв ја виде, застана и ја гледа. Што да прави, каде да оди. Се наведна, зеде камен и почна со нозете да тропа и да го брка. Тој веднаш побегна. Таа продолжи.

Половина час подоцна, нејзините деца поминаа по истиот пат носејќи ги училишните чанти.

Во близина немаше куќи, а и да имаше, којзнае дали тие ќе имаа телефон. И да имаа, прашање е на кого би му се јавила затоа што ние немавме телефон дома. На работа не смееше да доцни. Сè на сè, таа заклучи дека бидејќи волкот замина, нема причина да се врати на истото место, па продолжи понатаму. Ние, како и вообичаено, тргнавме на училиште. И стигнавме.

Таа, доаѓајќи на работа, слушајќи од колегите дека на тоа и тоа место, во толку и толку часот бил виден волк, сфатила дека тоа е истиот што таа го видела. Но сега го виделе на другата страна на планината. Исто како што се надеваше. Срцето ѝ се врати на своето место.

Потоа раскажуваше дека не се плашеше за себе бидејќи беше вооружена, со игли. Одеше и плетеше, брзо, без сопнување и грешки. Знаеше каде е секој камен. Така го поминуваше патот, плетеше џемпери и шиеше панталони.

Потоа сè пропадна, и патот, и фабриката, и училиштето.

Дали гледате колку среќно растев?

Автор: Весна Смиљаниќ Рангелов
Извор



912

X