Се породивте и станавте МАЈКА. Не само што се родило дете, туку и вие сте родени во една нова улога во вашиот живот.
Ви се чини дека никој не ве подготвил за ова. Како се држи и дои бебе, како да знаете дали доволно цицало, дали е гладно итн.
За многу кратко време ги надминавте сите тие „новини“ и чувствувате дека повторно имате сè под контрола.
Сепак, во повеќето случаи мајките земаат породилно отсуство и се грижат за своите деца, додека татковците се на работа по цел ден (чест на исклучоците). Наскоро сфаќате дека родителството е всушност природна жртва за тоа мало ново суштество кое сè уште не знае да зборува, ниту да се движи без помош, ниту како да јаде и дека сето тоа не е едноставно и лесно. Она што, се разбира, многу ги олеснува сите тие нови обврски е заљубувањето во онаа мала „векничка“ што сте ја донеле дома од породилиште, сè уште несвесни дека сте на почетокот на патувањето.
Во минатото, кога како општество повеќе бевме населени на село и се живееше во заедници, младите мајки никогаш не биле сами. Секогаш имало некој – или нивната мајка или свекрва да им помогне, постари деца или роднини кои живееле во заедницата. Ги немало оние познати прашања за тоа како да издвоите време за во тоалет или дали имате време да се истуширате брзо. Како да зготвите ручек, како да го исчистите целиот неред што го создаваат валканите алишта, пелените, како да го исфрлите ѓубрето кога одите на прошетка, а со себе го носите бебето во количка.
И тогаш денешната мајка сфаќа дека е сама поголемиот дел од денот и дека мора да најде одговори и решенија за сите тие мали „зафати“. Тогаш сте препуштени на себе и на вашата креативност, на вашиот инстинкт и интуиција. И полека почнувате да ја освојувате „тврдината на задачите“ што сте ја поставиле пред себе. И ден по ден, гледате дека повеќе не сте обична жена. Имате супермоќ сами да совладате толку многу моменти од денот. Можете да готвите ручек за вашиот сопруг и за вас, можете да „скокнете“ со бебето и количката до пазар и да купите свежо овошје и зеленчук… Сè е можно. Ќе беше полесно да не бевте сами и да имавте кој да ви помогне во сите тие ситуации, но денес живееме во мали „семејни јадра“, каде што бабите и дедовците се или од другата страна на градот или уште подалеку. Каде што тетките и чичковците се по цел ден на работа…
Има и многу добри нешта во сето тоа. Ја развивате вашата природна „мајчинска мултифункционалност“, станувате посигурни и на крајот благодарни што можете сето тоа да го направите со леснотија и задоволство за вашето бебе. На тој пат најголем и главен помошник е неописливото чувство на љубов кон вашето дете и вашето семејство. Без тоа чувство сè би било премногу тешко и непремостливо. На крилјата на таа љубов некако летате и успевате во сè, а можеби и не сфаќате дека е тоа така. Прегрнете се понекогаш себеси и сфатете колку сте силни и моќни како мајка.
Им благодариме на сите мајки на оваа планета што го избраа тој единствен и природен пат на нивниот раст и развој.
912