Кога ќе станеш родител, одеднаш сфаќаш дека твојот татко всушност цело време сакал чоколада. Дека твојата мајка сигурно сакала и модерна фризура и ја сакала онаа крофна за појадок и онаа дебела јакна што многу ѝ се допаѓала, но сепак ја одбрала потенката. Ќе биде добра, знаеше да каже. Онаа дебела јакна ја доби ти.
Кога ќе станеш родител, може нема да можеш да се сетиш кога последен пат си купил јагоди за себе, ни кога си ја изел последната палачинка што останала во чинијата. Можеби евентуално кога добро си се уверил дека никој друг нема да ја јаде. И дури потоа ти поминува низ глава како твојот татко секогаш ги јадел палачинките со џем. Или празни. Баш некако ги сакал празните. Зарем тоа било затоа што тој не сакал чоколада? Не, тоа веројатно било за чоколадата да остане за тебе.
Дали зборовите на мама: „Јас не сакам, не сум гладна“ навистина секогаш биле вистинити или се плашела дека зготвила премалку? Или она: „Се прејадов, не сакам колачи“. Дали тато баш ги сакал оние помалку убави делови од месото или сакал најубавите парчиња да ги изедеш ти? О да. Сите одговори сами се појавуваат кога ќе станеш родител…
Попрво ќе му овозможиш на детето отколку себеси
Веројатно, како и сите, си имал фаза во која си мислел дека твоите родители се старомодни. Па тато секогаш ги носел оние распаднати патики, а ниту мама долго време не ја обновила гардеробата. Да, така мислиш кога си тинејџер. Но, кога ќе станеш родител, сфаќаш дека тие биле „старомодни“ бидејќи се обидувале ти да бидеш во чекор со модата. Кога си бил дете, да ја имаш онаа играчка што многу си ја сакал. Кога си бил тинејџер, да ги имаш оние патики што ги носи половина училиште. Кога тргнуваш на факултет, да имаат пари за да ти ги стават в џеб кога ќе излезеш со друштвото. Не му требаат на тато нови патики, ниту на мама нова чанта. Ним им е доволно ти да имаш сè што можат да ти дадат. Без разлика дали ти сега како родител имаш скромни примања или можеш себеси и на децата да дозволиш сè што ви треба, јас знам, читателу, дека попрво ќе им дадеш на децата. И тука сме сите исти.
Се сеќавам на времето кога мојот татко мораше со месеци да двои од платата за да ми купи Барбика. А потоа се сеќавам и на подобри времиња кога ништо не ни недостигаше, но сеедно кога ќе ме однесеше во кафуле, јас пиев сок, а тој минерална вода, бидејќи не сакаше сокови. Имавме доволно, имавме и премногу, но таа навика му остана. Мојот татко сега го нема, а јас станав мајка. И никогаш нема да дознам дали тој сакаше сокови или барем чоколада…
Не сакаа да забележам кога имаа, а кога немаа пари
За мене секогаш имале. Мојата мајка и денес, иако е баба, а јас возрасна жена која живее во друг град, секојдневно се грижи дали имаме сè што ни треба. И во состојба е да даде сè што има за нам да ни биде добро. Да, дете си и кога ќе пораснеш, сè додека имаш на кому да му бидеш дете.
Се сеќаваш ли на времето кога на твојот татко наводно омилено јадење му беше јогурт и сендвич, а ти си имал неколку избори за секој меѓуоброк во денот? Се сеќаваш ли дека секогаш ти дозволувале наместо кусур, да земеш гума за џвакање, иако тој кусур можеби добро би им дошол? Не сакале да забележиш кога имаат, а кога немаат пари. За тебе секогаш имале.
Се сеќаваш и кога дојде доба на новата технологија и ти имаше доста добар мобилен телефон, а твоите родители воопшто немаа, или имаа некој стар модел поради кој ти било непријатно? Сигурна сум дека се сеќаваш. А сега, кога и ти си родител, и тоа веројатно благословен со ситуација да не мораш да се воздржуваш за да му ги исполниш сите потреби на детето, сепак, на некој начин го правиш тоа. Тоа е како непишано правило или тајна за која се молчи и се пренесува од генерација на генерација. И не ти е важно кога последен пат си посетил фризер, ниту колку пара чевли имаш. Важно ти е само да можеш да ги усреќиш своите деца. И ако тоа значи да работиш три работи, и ако тоа значи дека со години не си купил нов парфем, или ти, мајко читателке, нова маскара. Кога ќе станеш родител, сè што дотогаш си имал ти станува некако непотребно. Баш како што и на твоите родители им било непотребно сè, освен твојата среќа. Можеби и ти си еден од оние што мислат дека тоа никогаш не го почувствувале на своја кожа и имаат сè што ќе посакаат, без потреба да размислуваат кому ќе го дадат тоа – себеси или на детето.
Но, ќе ти дадам банален пример дека сите родители сме исти. Последната банана е во кошницата со овошје. Би ја зел, но ти поминува мисла низ главата дека можеби за половина час детето ќе побара банана. Ја оставаш. Земаш портокал, има повеќе. И така не сакаш многу банани. Исто како што и мојот татко не сакаше чоколада.
Автор: Ивона Вранариќиќ, експерт за односи со јавност за miss7mama.24sata.hr