„Кога станува полесно?“, ме праша една мајка. „Како со две деца?“, го додаде и тоа прашање. Низ глава само ми помина – да бидам искрена или малку да излажам. Но, ѝ кажав искрено: „Моментално не ми е лесно, ниту ќе ми биде полесно, но се надевам дека за две години ќе дојдеме на своето и дека ќе ни биде малку поедноставно.“ Се согласи со мене и гласно се насмеавме, надевајќи се дека ова што го зборувам навистина ќе биде така.
Звучи ли ова прашање себично? Кога ќе стане полесно?
Некои ќе речат, па зошто си родила деца ако сега се жалиш и чекаш да ти биде полесно.
Некои ќе се согласат со мене. Трети ќе зборуваат „под мустак“ и само тивко ќе коментираат. Четврти само ќе одмавнат со главата и ќе се надеваат дека ова што го кажувам има смисла. Да, утехата е понекогаш она што на сите им треба. Утеха дека ќе дојде ден кога нема да треба да скокаш за секоја работа, да зборуваш за секоја работа, да работиш сѐ и сешто за сите да бидат среќни и радосни. Можеби е глупаво да се очекува дека еден ден ќе ми биде полесно, веројатно нема бидејќи тогаш ќе имам други грижи. Но, се тешам дека барем тогаш ќе знаат да ми кажат што им е, ќе знаат самостојно да одат до тоалет, до кујна и слично. Секоја година си носи свои предизвици, полесни и потешки моменти. Сега ми е неописливо „лесно“ со првиот бидејќи е самостоен речиси во сѐ, бидејќи ми е ова второ дете, па сум поопуштена. Сега сѐ ми е повторно некако „тешко“, па знам да се шегувам со сопругот дека сме остареле за сите овие мали детски проблеми или, пак, нашиот син е многу потемпераментен од неговиот брат. Како и да е, се тешам со фактот дека следното лето ќе биде полесно, па следното полесно итн.
Овој текст е за сите мајки што не гледаат излез од домашните обврски, мајчинството, готвењето ручек, перењето и сушењето облека итн.
За сите мајки на кои им треба утеха дека ќе биде полесно и подобро. Иако кога децата ќе ни пораснат, дури тогаш почнуваат нови грижи и проблеми и така во круг. Но, со тоа сега нема да се занимаваме, сега ни е важно да се ослободиме од цуцлата, доењето, пелените и сѐ што оди во пакет со малите бебиња. А дали ќе ми недостига мирисот на бебе и неговиот сладок поглед? Се разбира дека да, но ќе се задоволам со „туѓи“ слатки бебиња. Бидејќи туѓото е послатко, зарем не?
Затоа нема осуда или коментирање ако една мајка вели дека ѝ е тешко.
Нема исмејување ако се пожали или побара помош. Тоа не смее да го има меѓу нас. Бидејќи кој подобро разбира една мајка од мајка која поминува низ истото.

Треба да си подадеме една на друга рака за поддршка и охрабрување. Ако во опкружување го нема тоа, побарајте друга поддршка или помош, бидејќи не сте сами во мајчинството. И не треба да бидете сами и знајте дека е во ред да се има тешки денови или денови кога ви е потребен тајмаут. Сите имаме потреба од тоа, само се плашиме гласно да кажеме.
Бидејќи е во ред понекогаш да се има време за себе, во ред е да се биде изморен, гласен и безволен.
И не занемарувајте ги своите потреби, иако сите ние мајките често го правиме тоа, но ако сме ние задоволни, сѐ друго ќе биде многу полесно. Затоа на прашањето: Кога станува полесно? Мојот одговор е: Никогаш, но знај дека сите сме во иста каша. Ајде на кафе да си се пожалиме една на друга. Нема да ни биде лесно, но ќе биде поподносливо. Јави ми се ?
Автор: Сара Мајдак