Една од најмоќните пораки што сум ги добила во животот ми ја упати мојот татко. Точно се сеќавам на моментот. Имав четири години. Ме однесе на фризер. Замислете како изгледало тоа пред 50 години. Се разбира, не беше фризер, туку обичен бербер, навикнат на машки клиенти. Немирна седев на столот, преплашена од сè околу мене. Берберот, ми рече: – Смири се или ќе ти ги отсечам ушите и ќе бидеш грда.
Не знам дали татко ми ја забележа мојата преплашеност или само не му се допадна неговата реакција. Но никогаш нема да ги заборавам неговите зборови: „И таква ќе бидеш најубавата ќерка на тато“. Никој никогаш не ми кажал нешто толку силно и значајно.
Секако дека никогаш не сум се сметала за најубава на светот. Напротив. Но, бев убава за него, каква и да бев. И убава бев и за другиот најважен маж во мојот живот (втор по редослед, не по значење. Прво беше тато, па потоа тој). И сè уште сум.
Таа порака беше темелот врз кој се изгради мојата самосвесна личност – личност што верува во себе бидејќи знае дека вреди. Тоа беше темелот на моето самопочитување и самодоверба. Од тој момент како да знаев колку вредам, што можам и каде ми се границите. Денес, како возрасна жена, размислувајќи за клучните одлуки во животот, знам дека многу од нив ги донесов под влијание на таа примарна одлука од детството: Јас вредам, без оглед на последиците од моите дела.
Подоцна знаев да се изборам за себе, како кога решив сама да изберам факултет. Иако татко ми сметаше дека стоматологија е подобар избор, го почитуваше мојот. Ми помогна колку што можеше. И ете, денес сум психолог.
Моделот на кој се угледуваме
Најважната улога на таткото во животот на детето е моделот што го претставува. Начинот на кој се соочува со животот, дали е интегрирана личност, како ги решава проблемите, дали ги признава своите грешки. Сето тоа влијае врз оформувањето на личноста на детето, кое несвесно се угледува на него.
Особено е важна оваа улога кај синовите бидејќи најчесто се идентификуваме со родителот од ист пол. Стануваме слични на нив или нивни спротивности ако нивното однесување ни предизвикувало негативни емоции. Дури и кога односот со таткото не бил добар, ако бил строг и барал премногу, пак, несвесно, личиме на него. Често ги слушам моите пациенти како велат: „Најмногу мразам кај себе што препознавам особини како кај мојот татко.“

Како се гради добар однос со детето?
Денес живееме во време кога младите татковци минуваат многу повеќе време со своите деца отколку пред 50 или 70 години. Улогата на таткото повеќе не е само обезбедување финансии, туку и грижа за партнерката и активна вклученост во животот на детето.
Добриот однос се гради од најрана возраст. Менување пелени, заспивање, играње. Сите тие се мали, но клучни чекори. На пример, кога детето почнува да ползи, таткото треба да слезе на подот, на негово ниво. Така му покажува дека се рамноправни.
Ако таткото се плаши од бебето, важно е мајката со разбирање и трпение да го поттикнува. Жените природно се почувствителни, додека мажите често се повлекуваат мислејќи дека ќе го повредат детето. И тогаш мајките преземаат сè. Но на тој начин, татковците го губат своето место и врската со детето се нарушува. Подоцна, тешко остваруваат блискост.
Улогата на таткото во животот на ќерката
Од најрана возраст, таткото влијае врз тоа каков партнер ќе избере ќерката во иднина. Кога ќе стане тинејџерка, многу е важно таткото да не се повлече, ни од нејзините женски прашања ни од нејзиниот свет. Потребни ѝ се поддршка, разбирање и доверба. Тоа е основата на нејзиното самопочитување и самодоверба.
Пофалбите од таткото и присуство ѝ помагаат да ја изгради сликата за себе. Со каков татко расте, такви луѓе ќе избере во животот. Ќе најде партнер што ќе ја сака и почитува, како што нејзиниот татко ја сакал и ја почитувал нејзината мајка. Ќе гради здрави пријателства, и на приватен и на професионален план.
Ако таткото не ѝ покажува љубов, таа ќе мисли дека така се однесуваат сите мажи. Ако бил строг, ќе избере ист таков маж. Ако бил алкохоличар, многу често и нејзиниот сопруг ќе биде таков. Некои бегаат од таа судбина, други цел живот се обидуваат да ја променат, но всушност се обидуваат да го спасат својот татко.
Влијанието на таткото врз синовите
Угледувајќи се на таткото, синот учи што значи да се биде маж. Иако не се свесни, и таткото и синот, детето низ тој однос учи што треба, а што не треба да прави. Често слушаме: „Сакав да бидам како тато.“
Кога таткото покажува љубов и почит кон синот, расте самоуверен маж со добри односи со другите. Кога расте без добар однос со таткото, синот станува несигурен, со ниско самопочитување, без блиски пријателства, без стабилен брак.
Универзалната улога на таткото
Најголемото влијание таткото го има преку односот со мајката. Тој однос е моделот што децата ќе го пренесат во своите идни семејства.
Ќерките ќе очекуваат мажите да бидат како нивните татковци. Синовите ќе очекуваат жените да бидат како нивните мајки. Односот меѓу родителите е темелот за сите идни односи на нивните деца.