Современиот начин на живот и преголемото отсуство на родителите од домот доведуваат до зголемено влијание на околината и социјалната средина врз развојот на децата, а со тоа и до развојни проблеми. Препораката е децата под две години воопшто да не користат мобилни телефони, од 3 до 5 само еден еден час дневно, од 6 до 18 не повеќе од два часа, вели м-р Цацаноска

Дали детето се развива правилно е често прашање на родителите. Кога е вистинско време да прозборува, да прооди, да комуницира, да скока, да распознава бои, чувства, да реди сложувалки, да се облекува само… Безброј прашања се појавуваат додека растат децата.

А едно од прашањата што исто така е значајно за родителите е кога е вистинско време да се побара стручна помош од дефектолог? Кои се индикаторите што укажуваат дека детето треба да посети дефектолог?

– Децата на разни возрасти се соочуваат со разни пречки и тешкотии во развојот. Доколку во првите три месеци бебето не гуга, не реагира на звуците од околината, има отсуство на насмевка, не ги следи предметите и лицата што се движат пред него, од три до шест месеци не прави обид за вртење на стомак, не посегнува по предметите, од шест до девет месеци не седи самостојно, не реагира на своето име. Од девет до дванаесет месеци не стои, не употребува гестови, од дванаесет до осумнаесет месеци не покажува на конкретни слики од книга, не прави обид за изговарање слогови и зборови, од осумнаесет до дваесет и четири месеци не разбира вербални налози ако не се придружени со гест и покажување, не повторува зборови, не прави обид за трчање. Или, пак, на возраст од две до три години не оди стабилно, не имитира, не поврзува два збора во реченица, тоа се индиктори кои родителот не треба да ги игнорира, туку треба да посети соодветно стручно лице кое ќе даде насоки со цел мултидисциплинарен пристап и опсервација на детето – смета дефектологот Соња Јорданова-Цацаноска.

Според м-р Јорданова Цацаноска, раната интервенција е значајна или пресудна за исходот на третманот.

Соња Јорданова-Цацаноска

Пред третата година или подоцна?

– Раната детекција најуспешно се одвива на релација: породилиште – семејство – развојно советувалиште. Развојното советувалиште е местото каде што се регистрира детето родено со фактор на ризик кое понатаму треба да се опсервира и следи. Последиците врз развојот на личноста на детето зависат од видот и степенот на попреченоста. Во секојдневието се соочувам со загрижени родители кои ме прашуваат дали да започнат со вежби пред третата година или по третата година. Најголема предност на раната интервенцијата започната во раното детство е пластичноста на мозокот. Неврофизиолошкото гледиште за ваквиот пристап се базира на феноменот на пластицитет кој постои во раните фази на развој додека диференцијацијата и функционалната организација на мозочните структури сѐ уште не се завршени и додека постои можност за приспособување и компензација на функциите кои ги преземаат неоштетените делови на централниот нервен систем. Зголемувањето или намалувањето на активноста на синаптичките патишта по лезијата зависи од видот и количината на информациите кои ги примаат, што дава можност за периферни фацилитациски функции. Затоа програмите започнати пред деветиот месец на хронолошка возраст резултираат со поголем напредок во моторните, говорните, но и во сите други вештини отколку програмите што започнуваат подоцна – вели м-р Цацаноска.

Сето ова дава доволно објаснување за препораките што секојдневно им ги даваме на родителите за важноста и улогата на родителот во стимулација на детскиот развој пред третата година. Односно, пеењето, зборувањето на бебето, па играта во подоцната возраст, криењето предмети, шутирање и додавање топка… скокање, рецитирање, глумење, разгледување сликовници, цртање, готвење се активности кои не смеат да им бидат скратени на децата поради нивната несмасност, туку родителот треба да го поттикнува детето да игра користејќи соодветни фацијални експресии, одмерен говор, звуци, кратки реченици и многу насмевки, дополнува Цацаноска.

Со упорност се напредува

Почетокот на третманите претставува ново искуство и за родителите и за децата.

– Во зависност од видот на проблемот се разликуваат пристапот, целите и времето на третманот. Преку постојните развиени вештини ги развиваме неразвиените вештини, и на родителите и децата им се даваат задачи во областите во кои детето е најслабо. На овој начин, преку вежби и стимулација, се развиваат неразвиените функции. Овој начин на работа е сложен за децата, но улогата на терапевтот и родителот е да ја олеснат таа адаптација. Иницијалните барања од детето се минимални, но се поставува добра структура на третманот и правила кои траат до завршувањето. Родителите треба да ги почитуваат истите правила и да го стимулираат своето дете создавајќи му позитивна слика за третманот. Да го наградуваат со емоција секое негово позитивно однесување со терапевтот – вели м-р Јорданова-Цацаноска.

Искусен терапевт ги менува активностите на детето иницијално давајќи му материјали кои детето веќе знае и сака да ги работи, а подоцна му дава материјали кои не може да ги сработи и со кои е потребно да се стимулираат и добијат нови вештини и функции, вели таа.

– Во текот на сеансите терапевтот се соочува со ситуации во кои детето негодува и плаче, но тоа не треба да биде причина за да се прекине сеансата, туку да се прифати ова однесување и да се продолжи со соодветна стимулација, земајќи предвид дека детето има задачи кои се над неговите можности. Секое дете напредува на свој начин. Добриот стимул, смеењето, скокањето, скокоткањето, пеењето од страна на терапевтот се доволни да ја срушите бариерата возрасен-дете и да му дадете сигурност на детето, истакнувајќи го секој негов успех, радувајќи се и повеќе од потребното. Тоа е единствениот начин да создадете сигурна и успешна личност – дополнува м-р Јорданова-Цацаноска.

Под две години воопшто да не користат мобилни телефони

Современиот начин на живот, развојот на технологијата и преголемото отсуство на родителите од домот доведуваат до зголемено влијание на околината и социјалната средина врз развојот на децата, а со тоа и до развојни проблеми.

– Користењето на современата технологија го олеснува функционирањето во секојдневниот живот, но истражувањата покажуваат дека сѐ повеќе деца имаат проблеми во когнитивниот, говорниот развој, вниманието, покажуваат агресивност, имаат зголемена телесна тежина, несоница… Додека го користи телефонот или компјутерот, детето е пасивно, со што мозокот не е во можност да создаде синапси, и доколку детето јаде пасирана храна, голема е веројатноста да се јави доцнење во говорот. Препораката е децата под две години воопшто да не користат мобилни телефони, од 3 до 5 само еден час дневно, од 6 до 18 не повеќе од два саати. Родителите се клучни во поставувањето на реалната граница на користење на телефоните, компјутерите, телевизорот – потенцира таа.

Според нејзиното искуство, сѐ поголем е бројот на деца кои се следат поради отстапување во развојот, а тука се вбројуваат предвремено родени деца, деца со аутизам – ран третман, деца со невролошки проблеми, деца со воспитно-образовни проблеми, деца со хиперкинетски растројства, деца со пречки во развојот кои имаат потреба од бихевиорален пристап, окупациона терапија, говорна терапија, рана интервенција, специјална едукација и рехабилитација.



912

X