д-р Татјана Баевска-Вучковиќ, педијатар

д-р Татјана Баевска-Вучковиќ, педијатар

супспецијализант по педијатриска пулмологија со алергологија
ЈЗУ Здравствен дом - Скопје
е-пошта: tbaevskavuckovic@yahoo.com

Повеќе од авторот

Во нашите краеви, сè уште, поради недоволна изложеност на сонце особено во есенските и во зимските денови, главна причина за појава на рахитис е недоволна синтеза на ендоген витамин Д во кожата

Растот не е само едноставен квантитативен процес на зголемување на димензиите на телото, туку тоа претставува сложено збиднување кое опфаќа и квалитативни промени на структурата, функцијата и реактивност на ткива и органи, промени на психички својства на детето, како и негово приспособување на социјалните и културните услови во кои живее.

Најинтензивно растење

Растот започнува од зачетокот па сè до крајот на развојниот период, т.е. до крајот на адолесценцијата. На растот влијаат следните фактори – генски, пол, сезонски варијации (на пр., во пролет брзината на раст во висина може да биде двапати поголема од брзината на раст во есен), раса и еколошки услови, исхрана, болести, општествена и имотна состојба на семејството.

Просечна дневна потреба за здраво, доносено новороденче е 400 IJ (единици) витамин Д на ден, непрекинато од 15. ден по раѓањето до крајот на првата година од животот. На децата од втората до петтата година од животот, како и во периодот на пубертет, во текот на есенските и зимските денови им се дава истата доза, еднаш на ден

Според кривата на раст на детето, се бележат три периоди на најинтезивно растење, и тоа во доенечкиот период (периодот од раѓање до една година), рана претшколска возраст и во периодот на пубертет. Токму во овие периоди доколку отсуствува правилна, редовна и соодветна употреба на витаминот Д, може да дојде до појава на рахитис – нарушување на минерализацијата на коските што растат. Според клиничката поделба, тој може да биде хиповитамински рахитис и рахитис резистентен на витамин Д.

Кога се јавува хиповитамински рахитис

Хиповитамински рахитис се јавува токму во периодот на најинтензивно растење и главно е предизвикан од недоволна изложеност на ултравиолетови зраци од сончевата светлина и ако децата во замена не добиваат соодветна супституција на витамин Д преку фармацевтски производ, како и преку соодветна исхрана богата со витамини (извор на витамин Д се млечни производи, риба, масти и печурки). Во однос на тоа хиповитаминскиот рахитис има своја примарна етиологија во сите оние околности што одредуваат колку едно дете ќе биде изложено на ултравиолетово зрачење, додека прехранбените производи помалку влијаат, вклучувајќи ги и мајчиното и кравјото млеко како недоволни извори на витамин Д. Во нашите краеви, сè уште, поради недоволна инсолација особено во есенските и во зимските денови, главна причина за појава на рахитис е недоволната синтеза на ендоген витамин Д во кожата, што со недоволен внес преку исхрана, има потреба од редовно додавање на витамин Д во облик на фармацевтски препарат. Исто така, искуството покажува дека одредени обичаи на замотување на доенчето од глава до пети, како и криење од светлина и од погледи поради уроци, значително придонесува за појава на рахитис во тие средини.

Знаци на болеста

Клинички се манифестира со најважните знаци на коските за рахитис – краниотабес, здебелување на метафизите на долгите коски, рахитична бројаница, Харисонова бразда, четвртеста глава, рахитична кифоза во време на проодување – деформација на нозете во облик на буква О или X, рахитично деформирана карлица, хипотонија – слабост на мускулатурата, а кај некои доенчиња се забележува и невровегетатитвна лабилност која се манифестира со раздразливост, несоница, интензивно потење и слаб апетит. Покрај клиничкиот наод при физикалниот преглед, рахитисот се докажува и преку податок за неспроведување или нецелосна профилакса со витамин Д, како и со рендгенски промени на скелетот и биохемиски отстапувања во крвта. Лекувањето е со високи дози на витамин Д од 5.000 единици преку уста во период од најмалку три недели, следење на лабораториските параметри до нормализација и преминување на дневни профилактички дози од 400 до 1000 единици на ден.

Потреба од витамин Д

Превенцијата на хиповитаминскиот рахитис има јавно-здравствено значење. Согласно горенаведеното, а и според официјалните општо прифатени препораки, дневните потреби од витамин Д зависат од поднебјето, животните услови, начинот на исхрана, како и од многу други тешко предвидливи и непредвидливи индивидуални конституционални обележја на детето. Според европските препораки кои се прифатливи и за нашата средина, просечна дневна потреба за здраво, доносено новороденче е 400 IJ витамин Д на ден, непрекинато од втората недела по раѓањето до крајот на првата година од животот, т.е. континуирана профилакса. На децата од втората до петтата година од животот, како и во периодот на пубертет, во текот на есенските и зимските денови им се дава истата профилактичка доза од 400 единици еднаш на ден (практично тоа значи во зависност од концентрацијата на интернационалните единици во препаратот, на пример, по 2 капки од воден раствор на витамин Д, кој во една капка има 200 IE). Формата на препаратот е поврзана со возраста, притоа за континуираната профилакса, како и за сезонска профилакса кај предучилишните деца се препорачуваат капки, во форма на воден или масен раствор, а за децата во период на пубертет покрај капките се користат и перли на витамин Д. Според официјалните препораки, се дава предност на моновитамински препарати наспроти комбинираниот препарат на витамин Д и А.
Кај недоносените новороденчиња, како и близнаци, кои се раѓаат со помала резерва на калциум и витамин Д и кои брзо растат, профилаксата започнува во втората недела по раѓање со 1000 IJ на ден, во исто траење како и кај доносените деца. Дистрофичните деца кои слабо напредуваат и не растат имаат потреба од помала количина на витамин Д, а кога ќе почнат да напредуваат и кога го надоместуваат заостатокот од предвидениот раст, добиваат доза како за здрави доенчиња, а понекогаш и повеќе. Доенчиња и деца со болести на црн дроб, жолчни патишта, панкреас, како и нарушена ресорпција на масти, треба да го земаат витаминот Д парентерално во поединечни дози помеѓу 50 000 и 100 000 IJ во растојание од неколку недели. Нивното дозирање е индивидуално и зависи од природата на болеста. Деца што трајно се лекуваат со антиконвулзивни препарати вообичаено примаат малку поголеми профилактички дози на витамин Д од 1000 IJ на ден.
Профилаксата со витамин Д има потреба од исхрана со доволно калциум (млеко и млечни производи), најмалку 0,5 литар на ден, како и изложеност на сонце.



912

X