Детето треба постепено да ја запознава личноста што ќе го чува додека сте отсутни. На почетокот е најдобро таа личност, било да е баба, дедо, тетка или дадилка, да си игра со детето во ваше присуство. Кога детето ќе стекне доверба и ќе ја засака, сѐ ќе биде во ред, вели Розита Андонова, психолог

Работни обврски, кратки патувања и ред други ситуации можат да бидат причина понекогаш да треба да ги оставите вашите деца со нивните баби и дедовци, блиски членови на семејството – со некој што ќе ги чува. Кога е најдобро да го направите тој потег и како да му помогнете на детето што помалку трауматично да го прифати вашето отсуство?

Розита Андонова, психолог

Поразговаравме со Розита Андонова, психолог, психодрама-психотерапевт под супервизија во Општата болница во Гевгелија.

– Одвојувањето на детето од родителите е фрустрирачко и за детето и за родителите. Треба да се знае дека стравот од одвојувањето што се јавува кај децата е фаза која трае одредено време и многу е важно родителите да му помогнат на детето низ таа фаза да помине безбедно и да се изгради доверба – потенцира Андонова.

Страв од одвојување уште како бебе

Таа објаснува дека стравот од одвојувањето почнува уште кај бебињата на 6-7 месеци, но дека повеќе се засилува на возраста околу 10 и 16 месеци (фаза на силно изразена приврзаност) и се намалува околу втората година.
– Бунтувањето поради одвојување од родителите постепено се намалува кај повеќето деца со навршување три години. Ставот околу тоа на која возраст е најпаметно да се одвои детето од родителот е на некој начин и културолошко прашање. Западните земји пропагираат одвојување од најрана возраст на детето, во некои земји на три месеци по раѓањето на детето. Во други култури детето не се одвојува од мајката најмалку до првата година од животот. Некои стручњаци препорачуваат детето да биде покрај мајката до почетокот на својата природна фаза на осамостојување, и тоа некаде од 12. до 16. месец. Но, ако мајката мора да се врати на работа или има некоја друга причина, одвојувањето може да започне спрема потребите на семејството – посочува психологот.

Според Андонова, овој процес треба да се одвива постепено. На почетокот детето треба да останува во познато опкружување, најдобро дома и со познати личности, прво по неколку часа, па постепено сѐ подолго. Најдобро е родителите постепено да го подготват детето уште додека не планираат одвојување од него.

– Друштвените, активните и самостојните деца се помалку подложни на страв од одвојување, па затоа може детето повремено да се носи на гости за да стекне искуство во комуникацијата со непознати и за да може да развие независност и самостојност.

Вашиот немир ќе ја искомплицира ситуацијата

Детето треба постепено да ја запознава личноста што ќе го чува додека сте отсутни. На почетокот е најдобро таа личност, било да е баба, дедо, тетка или дадилка, да си игра со детето во ваше присуство. Кога детето ќе стекне доверба во таа личност и ќе ја засака, сѐ ќе биде во ред. Како дел од подготовката за одвојување, практикувајте да му читате книги, приказни или, пак, самите создајте приказна со некој измислен детски лик кој во некои ситуации се одвојува од родителите и како тие секогаш се враќаат по одредено време. Ова ќе му помогне на вашето дете да сфати дека не е само во вакви ситуации и дека и некој друг се плаши од одвојување. Исто така, во вакви приказни детето може да најде решение за своите проблеми – посочува Андонова.
Интересен аспект е дека децата го чувствуваат нашето однесување и дека ако ние се чувствуваме несигурни и пред да тргнеме на пат или кога треба да излеземе дома без детето, и тоа ќе биде повознемирено.
– Затоа, кога го оставате детето, не колебајте се, бидете весели и мирни и ако покажете топлина и ентузијазам, детето ќе знае дека сѐ е во ред – советува Андонова.

Пофалба или подарок – зошто да не

Дали ветувањето подарок кога ќе се врати родителот е добра финта за да се олесни процесот на оставањето на детето. Пофалбата е симболична награда.
– Кога детето се однесува онака како што сакаме, пофалувањето е потврда дека сме задоволни со неговото однесување и дека така треба да продолжи и во иднина. Кога е пофалено, детето чувствува задоволство и гордост затоа што неговите родители се задоволни со неговото однесување, па ќе посака тоа да го повтори и во иднина, така што пофалбата ја зголемува веројатноста детето да сака да го повтори таквото однесување. Со пофалба на однесувањето се зацврстува и јакне позитивното и пожелно однесување на детето. Наградата за пожелното однесување може да биде и некоја активност што детето ја посакува – водење на претстава, во зоолошка градина и уште многу други креативни активности што му годат – вели Андонова и додава дека може и пред одење да се договорите со детето за подарок кој ќе го користи или го посакува, во рамките на можностите и приспособен на возраста на детето.

Лажењето на детето не треба да ви биде опција кога треба да заминете некаде. Најдобро е да му кажете на детето кога заминувате и кога ќе се вратите.
– Некои родители мислат дека е подобро да се искраднат кога детето не може да забележи и кога е мирно, но тоа може да ја искомплицира ситуацијата. Детето може да се збуни и да се вознемири кога ќе сфати дека ве нема. Тогаш ќе му биде многу потешко да се смири и наредниот пат кога ќе се одвојувате од него. Со децата треба да бидете отворени и искрени – нагласува психотерапевтот.



912

X