Прашај психолог училиште

Кога го оставам во училиште, се грчи и тешко издишува, а плаче и ако треба да чита на час… Зошто се однесува така?

ПРАШАЊЕ: Мојот син има 7 години и е второ одделение, а проблемот е во тоа што кога го оставам и кога го земам од училиште како да се грчи, не е опуштен и тешко издишува. Дали се срами или се плаши, не знам. На родендени одиме кај другарчињата од клас си игра. Дома е немирен, опуштен, па дури и разгален. Лани наставничката ми пренесе дека треба да го носам на логопед зашто не ги изговара правилно буквите Р и Л. Го однесов, но прегледот помина лошо, со плачење, не сакаше да изговори ни збор. Буквите ги знае, математика откако ќе му ја објаснам задачата сам ја решава. Читањето му е послабо и потешко, кога чита на час, почнува да плаче. Тоа го дознав од мајка на другарче од класот бидејќи ништо не ми кажува и не сака да сподели како му поминал денот во училиште. Што да преземам да се опушти на училиште и зошто вака се однесува?

ОДГОВОР: Ова однесување на вашето дете типично за социјална средина било карактеристично уште во предучилиштен период при одењето во градинка. Вашето дете покажува поларитет во однесувањето, односно надвор е повлечено, исплашено и во грч, а дома е весело, активно и немирно. Тоа покажува дека детето не развило доволно резилиентни и отпорни сили кои ќе му помогнат адекватно да учествува во надворешна социјална средина и да комуницира со врсниците. Ова може да е резултат на презаштитнички родителски стил со хедонистички пристап кон лесно и брзо задоволување на барањата и желбите на детето.

На тој начин детето учи надворешната средина да ја гледа и чувствува како небезбедна и несигурна бидејќи не го третира на истиот начин како што го третираат во примарната социјална средина, т.е. семејството. Околу развојот на говорот и корекција на гласовите Р и Л, потребно е да се работи со логопед.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

To top