Може да биде прилично зачудувачки да ги гледаме нашите деца како растат, а не зборуваме само за сите работи што ги учат со огромна брзина (особено кога се мали). Од моментот кога ќе се родат, изгледа како секој ден да стануваат сѐ поголеми и поголеми. Им купуваме нова облека, а тие ја надраснуваат за неколку дена. Сепак, добрата вест е дека ова е само привремено бидејќи секое дете на крајот ја достигнува својата конечна висина.

Има многу фактори што влегуваат во игра овде – генетиката и дали вашето дете е момче или девојче се само неколку од нив.

Табела за раст за момчиња и девојчиња

Еден од најголемите фактори во конечната висина на вашето дете е полот. Девојчињата вообичаено ќе го имаат својот најголем скок на раст на возраст од 10 до 14 години. Нивната висина е поврзана со пубертетот. Откако ќе ја добијат првата менструација, тие најверојатно ќе пораснат уште еден или два сантиметри пред да ја достигнат својата конечна возрасна висина. Во просек, тоа значи дека тие престануваат да растат околу 15-годишна возраст, но секогаш има исклучоци.

За момчињата е малку поинаку, но пубертетот исто така игра важна улога во нивната конечна висина. Имено, нивниот раст доаѓа малку подоцна од оној кај девојчињата, на возраст од 12 до 15 години, а до 16-тата година момчињата обично престануваат да растат.

Што се однесува до просечната висина, генетиката (исто како кривата на раст што вашето дете ја следи цело време) игра голема улога во овој одговор, но конечната просечна висина за девојчињата е околу 164 сантиметри, а за момчињата 179 сантиметри.

Иако децата растат со различни стапки, многу родители се загрижени дека нивните деца растат пребрзо или премногу бавно. Дете кое е значително повисоко или пониско од своите врсници може да страда од нарушување на растот или ендокринолошко заболување, поради што е важно да разговарате со педијатар ако се сомневате дека нешто не е во ред. Како што расте вашето дете, здравата исхрана е исто така од суштинско значење, особено во најраните години од неговиот живот.

„Ако имате дете кое било хронично неухрането во првите шест месеци од животот, невролошката и физичката штета е доживотна и може, меѓу другото, значително да влијае врз висината на детето подоцна во животот“, објаснува професорот за клиничка исхрана Чарлс Мулер.

Можете ли да ја предвидите висината на вашето дете?

Може да биде тешко да се одреди точната висина што ќе ја достигне вашето дете како возрасен човек, но постои формула што доктор Џозеф Гиганте ја споделил и која можете да ја користите за да процените колку високо може да биде вашето дете кога ќе заврши со растењето. Станува збор за следнава формула.

Кај момчињата висината на таткото се додава на висината на мајката, на тој збир се додава бројот 13 и се дели со 2. При пресметувањето на конечната висина на девојчето ситуацијата е слична, висината на таткото се додава на висината на мајката, потоа се одзема бројот 13 и се дели со 2.

Оваа формула, всушност, е само предвидување кое во повеќето случаи дало точни одговори, но сепак, децата се единствени, па тоа во никој случај не е единственото правило за нивната конечна висина.

Ако во кое било време или од која било причина сте загрижени за растот на вашето дете, експертите препорачуваат да разговарате за вашите грижи со педијатар бидејќи, на крајот на краиштата, затоа тие постојат. Во меѓувреме, уживајте во гледањето на вашите деца додека растат.

Извор



912

X