Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има 5 години и иако знае дека тоа не е во ред, секојдневно употребува и ни се обраќа со лоши зборови и изрази, што не се одраз на нашето воспитување. Во градинка оди од 2,5 години со прекини.
Ова однесување се јави во последно време од градинка, од други деца, сам ни кажува за тоа и знае дека не е во ред. Му зборуваме на смирен начин цело време, но и понатаму нè срами надвор од дома. Ве молам, како да постапиме?

ОДГОВОР: Секој родител сака неговото дете да биде пристојно и љубезно, да покаже почит, но и кон другите возрасни. Сепак, реалноста е честопати поинаква. Понекогаш колку и да се обидуваме да направиме нешто различно во врска со ова, децата ни се обраќаат со погрдни зборови или навреди.
Како што рековте и сами, кажува дека во градинка повеќето деца, а и тој, зборуваат на тој начин. Поради тоа, тој сигурно сака, се труди и се обидува да биде дел од групата, да имитира, но и да се истакне, да биде смешен, забавен, дека е јак и дека може да го прави тоа.
Навредите кај деца, на таа возраст, се дел од желбата да се добие поголема моќ и контрола над нивниот живот. Кога децата ќе откријат дека зборовите можат да имаат голем драматичен ефект врз родителите и врз врсниците, тогаш сакаат да покажуваат дека можат и дека се моќни.

Но, една од најосновните потреби на детето е да има чувство на припадност, а привлекувањето на вниманието на родителот претставува најголем проект за него. Вниманието на родителите е клучно без разлика дали ќе биде позитивно или негативно.
Треба да имаме предвид дека нашите деца имаат свои потреби и се обидуваат да нè натераат да ги видиме, изразувајќи го она што го сакаат со сите сили, на кој било начин. Па затоа, со секое однесување детето сака нешто да ни каже и да ни порача. Зад секое несоодветно однесување се крие проблем или конфликт со кој се соочува детето. Поради тоа, доближете се до детето за да разберете од каде и зошто го прави тоа, и зошто е многу поинтересно што зборува на тој начин кога одите на гости.

Обидете се да разберете зошто детето навредува, дали ве провоцира, привлекува внимание или не може да го задржи својот гнев? Дали можеби сте многу попустливи во ставањето граници и во воспитувањето?

На сите деца им се потребни граници за да растат во безбедна и добра средина. Границите значат љубов! Ограничувањата обезбедуваат стабилност, безбедност и навики. Ние, родителите, мора секојдневно да им даваме ограничувања во рамките на нивниот ден во кој откриваат што можат или не можат да направат дома, во секој простор, во различни контексти, распореди или моменти. Затоа, потребно е да ставите граници на однесувањето, што е дозволено, а што не. На пр. „Не дозволувам вака да се зборува!“ или „Дома не си се обраќаме еден на друг со погрдни зборови“, а потоа додајте: „Кога сме надвор или на гости, исто така не ги употребуваме овие зборови“. Ако и понатаму се повторува тоа однесување, тргнете го настрана и кажете му: „Гледам дека го игнорираш она за што се договоривме, те молам следниот пат да бидеш внимателен, не сакам така да се однесуваш со мене“.

Кога ќе одлучиме да им поставиме ограничувања на нашите деца, мора да го сториме тоа со доверба, без нервоза, со мирен, но цврст глас во кој не се чувствува сомнеж или недоследност.
Да се биде цврст не значи да се биде злобен или да се биде премногу авторитативен, туку да се има доверба во себе и во она што го бараме, да имаме став.

Ако сакате вашето дете да ви се обраќа со почит, треба и вие да се однесувате кон него со почит за на тој начин да има заемно почитување, со разбирање и прифаќање на правилата што ќе ги направите дома. Исто така, дајте му простор да го сослушате да сподели мислење за тоа што го прави, дали мисли дека со ваквото обраќање го навредува другиот, како тој другиот се чувствува, дали кога нему некој така му се обраќа, се чувствува убаво? На овој начин разговарате малку повеќе за чувствата и детето го учите на емпатија. Охрабрете го неговото позитивно однесување и кажете кога не ви се допаѓа кога ќе направи нешто лошо, на пр: „Не ми се допадна што ми се обрати со ваков лош збор“, „Ми се допаѓа кога си внимателен и љубезен“. Децата сакаат да им се допаѓаат на родителите и тие да имаат добро мислење за нив.
И секако, внимавајте како вие се однесувате еден кон друг и на кој начин зборувате дома. Ние сме модел за децата, тие учат од нас.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X