Воспитување

Кога детето ќе ви рече: „Раскажи ми приказна“, всушност, го бара вашето внимание

Можете ли да се вратите со мислите во времето кога родителите ви раскажувале приказна, или можеби бабите, дедовците или учителите? Веројатно се сеќавате на делови од приказните, како главните ликови, но уште поголема е веројатноста дека се сеќавате на чувството што сте го имале во тој момент. Сте се чувствувале сакани. Сте чувствувале дека го имате и дека го заслужувате вниманието на таа драга личност.

Раскажувањето приказни е древен и проверен начин за поврзување на родителите со децата, а современата наука ни дава некои интересни увиди зошто е толку ефикасно. Но, она што притоа посебно се истакнува е следното – сосема е бесплатно. Совршено е природно и приспособливо на верските, општествените и културните вредности на секое семејство. Никој не мора да ви каже како да го правите тоа, баш како што никој не мора да ви каже како да одите. Едноставно го правите. Бидејќи раскажувањето е толку длабоко вкоренето во човечкиот вид – тоа е начин на кој на луѓето им кажуваме што се случило, што би сакале да се случува или што би сакале да направиме. Авторите на книгата „Како да им раскажувате приказни на децата“ велат дека раскажувањето е основна родителска вештина која секој може да ја совлада.

Децата ги повикуваат раскажувачите во нас. Кога детето ќе ви рече: „Раскажи ми приказна“, всушност, не бара раскажување. Го бара вашето внимание. Тоа не е неважно барање. Довербата од детето е скапоцен дар, па ако го препознаеме скриеното значење на неговите зборови – дека сака да се поврзе со вас – нашите срца обично ширум се отвораат. Приказните кои потекнуваат од тие моменти често се многу едноставни, а толку интимни и длабоки што се сеќаваме на нив цел живот. И современите истражувања потврдуваат дека раскажувањето, покрај допирот, е еден од најголемите посредници на интимноста и довербата. Луѓето што често споделуваат приказни обично се поврзани на единствени и трајни начини. Угледното американско списание „Психолоџи тудеј“ наведува дека читањето наглас е една од главните препораки за родителите кои сакаат да одгледаат среќно и задоволно дете. Содржината притоа е речиси неважна: важни се односот и чувството на поврзаност. Она по што копнееме е всушност емоционалната интимност, а се покажало дека делењето приказни ја воспоставува подобро од што било друго.

Токму на тие спознанија се темелат методите на раскажување опишани во книгата „Како да им раскажувате приказни на децата“ од Силке Роуз Вест и Џозеф Сароси – американски воспитувачи со илјадници часови раскажувачко искуство зад себе. Нивната интуитивна техника се темели на применување случки и предмети од секојдневниот живот на детето за раскажувањето да биде едноставно и пристапно. Притоа, во повеќето случаи не е потребна никаква подготовка, приказната се измислува на самото место, па така детскиот излив на бес поради изгубена играчка може да послужи како инспирација за приказна за играчка која одлутала во потрага по авантура, а жестоката кавга помеѓу децата – како темел за приказна за препирките помеѓу верверичките во паркот.

Раскажувањето станува нешто како швајцарско џепно ноже – повеќенаменска алатка која на детето му помага да научи нови вештини, да создаде емпатија, да ги смири тешките емоции и да пронајде значење во предизвикувачките животни моменти. Од почеток, тоа може да звучи потешко од едноставното повторување на класична бајка, но откако ќе ја сфатите основната структура – она што авторите го нарекуваат „раскажувачка храброст“ – ќе откриете дека всушност е едноставно како одење. Не морате да размислувате за да го правите тоа. Притоа, како што напоменуваат авторите, не се работи за умешноста за раскажување популарни успешни приказни кои ќе завршат со договори за снимање филм, туку за раскажување едноставни приказни кои ќе го збогатат родителскиот однос со детето и кои цел живот ќе им останат во сеќавање.

На тој начин се поттикнува нивниот здрав емоционален, социјален и интелектуален развој. А тврдењата на авторите ги потврдуваат и неодамнешните истражувања поминати на примероци од неколку илјади деца кои, наведува Би-би-си, несомнено упатуваат на тоа дека децата со развиена умешност за читање и пишување, подоцна, како возрасни многу подобро се справуваат со различни животни предизвици: постигнуваат значително подобри резултати на училиште, полесно воспоставуваат односи и врски со другите, поедноставно наоѓаат работа и поретко страдаат од здравствени проблеми.

Извор

Поврзани написи

To top