Малечките деца во еден момент се независни, а во следниот нема да ви дозволат да завршите некоја работа. Како родители, знаете дека понекогаш е добро детето да се забавува малку само. Вештините за независност му даваат многу предности кои ќе му требаат подоцна во животот. Се разбира, додадена вредност е што и мајките и татковците може малку да се одморат. Сето ова звучи супер, но како да се научи детето самостојно да игра? Како да се поттикне детето, кое не сака да се одвои од своите родителите, самостојно да игра? Започнете со мали чекори, па постапно зголемете го времето за самостојна игра. Еве, некои идеи.
Поставете вистински играчки
Еден од првите чекори е да се постави простор или сцена за игра. Истражувањата покажале дека „пасивните“ играчки најдобро ги поттикнуваат децата да преземат поактивна улога во текот на играњето. Понудете му на детето блокови, кукли, кујнски сетови за игра и други играчки без музика, светла и други стимулации. Вистинските играчки му овозможуваат на вашето дете да ја искористи својата креативност и да се вклучи во креирање акција.
Играчки за постигнување креативност
Покрај нив, децата можат да ја користат својата фантазија за изработка или создавање на она за што фантазираат. Потребните работи вклучуваат боја, песок, ленти, столче и прибор за цртање. Едноставно поставете ги играчките на маса и оставете го детето да игра како што сака.
Ротирајте ги играчките
Следниот пат кога ќе добиете нови играчки, или дури додека ги собирате играчките од подот, некои од нив треба да ги скриете. За неколку месеци повторно извадете ги, а на детето тоа ќе му биде убаво изненадување. Тоа веќе заборавило на играчката што сте ја скриле, а ротацијата ќе му даде можност повторно да се развесели.
Дајте му простор за раст
Како родители, понекогаш сме премногу склони кон насочување на детето. Меѓутоа, на децата им се потребни време и простор за да ги откријат сопствената моќ и својот идентитет. Малите деца, особено, се способни да бидат активни ученици и да напредуваат кога ќе добијат можност да ја извршат својата слободна волја и независност. Поставете време за независна игра и вметнете ја во вашата дневна или неделна рутина. Верувајте, тоа е добро и за вас и за детето.
Можете да останете во истиот простор
Некои деца сакаат и им треба да се чувствуваат сигурни и да знаат каде се наоѓа нивниот родител во секој момент. Кога ќе започнете да воведувате рутина на самостојно играње, можете да седите блиску до детето и да завршите некоја обврска. Тоа го зголемува чувството дека сте секогаш тука за него и дека го поддржувате. Додека детето игра, вие можете да читате книга, да работите во кујната додека тоа игра на маса или на под.
Создавање сигурен простор
Родителите не можат да ги остават малите деца во соба без надзор. Меѓутоа, една од предностите на поттикнувањето независна игра е што можете да отидете и да направите нешто што треба да завршите во друга просторија додека вашето дете игра само, бидејќи се разбира, останувате доволно блиску за да го слушнете. Погрижете се просторот во кој детето игра да биде безбеден за да добиете време да го сторите она што морате, а не да се грижите за неговата безбедност. Проверете дали има потенцијални опасности од задушување, електрични штекери или остри предмети.

Дозволете на детето да му биде здодевно
Легитимно е некогаш да му биде и здодевно на детето бидејќи експертите сметаат дека досадата може да го поттикне на активност, ако родителот се откаже од задачата да го забавува. И тоа можеби е најтешкиот дел за мајката и таткото. Дозволете му на детето да ја преброди досадата бидејќи така му ја јакнете самодовербата. Имено, додека детето ги истражува начините на кои самото може да се забавува, добива контрола над своите когнитивни и емотивни процеси.
Одржувајте блискост со детето
Иако времето за самостојна игра е важно за детскиот развој, важно е и времето што го поминувате со него, а во кое сте му целосно посветени. Па така, на детето посветете му 30 до 40 минути дневно неподелено внимание, за да ја задоволите неговата потреба за вашата близина.