Јасно ни е дека авторитарното, грубо родителство не е пожелно, но не е доволно јасно што не штима со попустливоста кон детето. Обично велиме дека детето ќе стане разгалено, но проблемот е многу подлабок – вели Томислав Куљиш, автор на програмата „Родителството и раниот развој“ и основач на центарот „Природно родителство“.
Пермисивното родителство прави децата да се чувствуваат осамени затоа што им недостига контакт. Поради тоа, длабоко во себе се чувствуваат несигурни затоа што мислат дека никој не се грижи за нив. Кај потемпераментните деца во мозокот се активира механизмот за борба и поради внатрешната несигурност, тие стануваат агресивни, преземаат контрола, не слушаат и стануваат шефови. Велиме дека тогаш преминуваат на „алфа позиција“ во недостиг на вистински старател на кој ќе може да му се препуштат, објаснува тој.
Децата на попустливите родители стануваат мали тирани
Втор проблем е што тие деца не успеваат да развијат способност да се справуваат со фрустрациите, па затоа се разбеснуваат кога нешто не е по нивно. Се подразбира дека тие се многу тешки и напорни деца и не им се мили на возрасните. Тоа одбивање од другите луѓе дополнително ги тера да станат уште поагресивни затоа што се чувствуваат уште понесигурни.
– Тоа е затворен круг кој најчесто настанува кога родителот нема свое јас и свој став, па детето го доживува како слабак, што е особен проблем кај силните и темпераментни деца. Овој затворен круг може да се промени кога родителот ќе поработи на себе или ако детето воспостави однос со некој што има свое јас, но ја уважува силата на детето, на пример, тренер, дадилка и слично – вели Томислав Куљиш.