Децата брзо растат, но кога запира тој раст? Експертите откриваат што сè влијае врз висината, како да се препознае дали е сè во ред и што може да се направи за детето да расте здраво и безбедно.
Во првите години од животот децата растат толку брзо што изгледа како да ја израснуваат облеката веднаш штом ќе ја купите. Но, кога растот забавува и кога всушност престануваат да растат? И дали вашиот син еден ден навистина ќе биде повисок од вас? Одговорот не е едноставен, велат експертите.
– Пубертетот е клучен кога зборуваме за растот. Момчињата обично влегуваат во пубертет нешто подоцна од девојчињата, најчесто околу 12-годишна возраст, а растот најчесто запира околу 17. или 18. година – објаснува д-р Ванита Бамба, педијатриски ендокринолог и медицински директор на Центарот за раст при Детската болница во Филаделфија.
За време на пубертетот, просечната годишна стапка на раст значително се зголемува.
– На почетокот на пубертетот растот изнесува од 2 до 3 сантиметри годишно, а во најинтензивниот период може да достигне и до 10 сантиметри годишно – вели д-р Мариса Чензани, педијатриски ендокринолог од „Веил корнел медисин“ и болницата „Њујорк презбитеријан“.
Сепак, темпото на раст е различно кај секое дете. Некои растат побрзо уште на почетокот на пубертетот, додека кај други растот се засилува подоцна.

Дали може да се предвиди висината на детето?
Постојат неколку начини за приближна процена на идната висина, како на пример: удвојување на висината на детето на двегодишна возраст или формулата: висината на мајката + 13 см, па потоа просек со висината на таткото.
Но, експертите предупредуваат дека тоа се само груби процени бидејќи генетиката е непредвидлива.
– Во моето семејство разликата во висината помеѓу мене и сопругот е 30 сантиметри. Имаме едно многу високо дете и едно со просечна висина. Сè зависи од тоа кои гени ќе ги наследи детето, а тоа не можеме однапред да го знаеме – додава д-р Бамба.
Како лекарите го следат растот?
Лекарите можат да направат процена на т.н. „возраст на коските“ со снимање на левата дланка и зглобот, што покажува колку се развиени епифизните плочки на коските и колкав е потенцијалот за понатамошен раст.
Кога треба да бидете загрижени за растот?
Растот зависи од многу фактори: генетика, исхрана, здравје, но и од доследност.
– Важно е да се следи брзината на растот, а не само висината. Детето може да биде ниско, но ако расте рамномерно секоја година, тоа обично не е причина за грижа. Од друга страна, ако детето ненадејно го забави растот или премине од еден степен во друг (нагоре или надолу), тогаш е препорачливо да се консултирате со педијатар – нагласува д-р Бамба.
Лекарот може да ве упати на педијатриски ендокринолог, но и на гастроентеролог ако постои сомнеж за проблем со апсорпција на хранливи материи.
Што можат да направат родителите?
– Квалитетниот сон и балансираната исхрана се клучни за оптимален раст – истакнува д-р Чензани.
И не заборавајте дека секое дете расте со свое темпо. Ако нешто ве загрижува, обратете се кај педијатар. Редовните прегледи и следењето на растот се најдобриот начин да се осигурите дека вашето дете се развива здраво и во согласност со својот природен потенцијал.