д-р Ана Арсевска

д-р Ана Арсевска

Доктор по општа медицина

Повеќе од авторот

Не ве советуваме да ги изолирате вашите деца, но потсетувајте ги да си ги мијат рацете

Децата се вакууми за бактерии. Од брцкање во носот, па сè до грицкање на ноктите, децата едноставно прават работи со кои ги шират бактериите. Повеќето од нив не си ги мијат рацете толку често колку што би требало. Миењето раце е прва линија на одбрана против грипот, настинките и други заразни болести. Не ве советуваме да ги изолирате вашите деца, но потсетувајте ги да си ги мијат рацете во следните ситуации.

Дворовите

Играњето на дечињата во дворовите треба да се охрабрува пoради целoкупниот психофизички развој и подобрување на имунитетот. Секако, бактериите во калта се добри за вашите деца, но можни се инфекции поради присуство на измет и екскрети од животните во дворовите. Затоа е пожелно децата да бидат вакцинирани со ди-те-пер вакцина (дифтерија, тетанус, пертусис) пред да ги пуштите да си играат со калта.

Песок (песок во боксови, песок во парковите, песок на игралиштата)

Песокот исто така е полн со екскрети од животните, особено од мачки и кучиња, а содржи и бактерии од човечка плунка, раце, храна и пелени.

Застоени води

Застоените води, како езерца, мочуришта и вирови, се места каде што можат да се најдат мувла, бактерии и комарци.

Трговски центри

Не е изненадување дека трговските центри се полни со бактерии и вируси особено во сезона на грип. Најконтаминирани места се ескалаторите, копчињата на лифтовите, џојстиковите на видеоигрите, банкоматите, игротеките, театрите и киносалите.

Училиштата и спортските сали

Некои студии покажуваат дека има повеќе бактерии во школските мијалници отколку во тоалетните школки. Гардеробите се најчесто место каде што можат да се пренесат вошки кои се наоѓаат на облеката, капите, четките за коса. Делењето пешкири и играњето контактни спортови, како борењето, се најлесен начин за ширење на инфекции. Ширењето на бактерии во спортските сали, особено МРСА, настанува преку навлегување на бактеријата преку рани на кожата и расеченици.

Миленичиња

Децата и животните се најдобри пријатели, но по секој контакт задолжително да си ги мијат рачињата и никако да не се бакнуваат со нив. Преку својата плунка, измет и крзно животните се извор на колиформни бактерии, како салмонела и ешерихија коли. Бидете внимателни кога ги носите вашите деца во зоолошки градини или на фарми.

Домот

Подовите и теписите во нашите домови се полни со прашина, микроорганизми, влага, парчиња храна и кал од надворешната средина. Сето тоа може да провоцира алергии и астматични напади. Габичките што предизвикуваат атлетско стапало често се наоѓаат на подовите.
Други предмети во нашите домови, како далечинското, рачките од вратите, дршката од четката за заби, клучевите, парите, мобилните, компјутерите исто така се населени со голем број бактерии.



912

X