Уште како дете читав многу книги и писателите ми беа преумни луѓе што знаат сè. Фотографите ме фасцинираа со своите масивни, чудни фотоапарати и ги сметав за маѓепсници оти ми крадеа дел од секојдневието со нивните фотографии

 

Некој го познава како писател, друг како фотограф, трет како доктор – ОРЛ-специјалист. Владимир Плавевски е сестран човек, автор кој творел за различни генерации и различни жанрови. „Динга стоп“ е негова последна книга за деца, која токму во неговото Ново Маало ќе биде промовирана денес… Тоа нè поттикна да поразговараме за неговото детство, кое по многу работи било исполнето, среќно, љубопитно.

Роднините ме опсипувале со внимание

Бил буцко, русокос, синоок, прозборувал рано, не бил плачко, ама бил лутко, раскажува за себе.

Со мајка му Јелица

– Како бебе сум бил спанко, а сум сакал да пијам повеќе чај отколку млеко. Сум сакал чоколадо, што тогаш, пред речиси 70 години, било проблем да се најде, освен во дипломатските магазини. Како татко ми успевал да набави оригинално американско чоколадо, никогаш не ми објаснија. Сум бил многу љубопитен и постојано сум прашувал. Сепак, сум бил прво машко дете во семејствата и на мајка ми и на татко ми и постојано тетки и вујковци ме опсипувале со внимание, ме шетале и ми купувале сѐ што ќе сум посакал – вели авторот.
Сокаците и улиците му биле секојдневие зашто во тоа време, освен едно радио, и немале друга разонода.

– Игравме детски игри – камај, челик, криенка-миженка, џамлии, фанта, динга стоп, долга магарица, скачка, петкамци, бззз… Кога се капевме во Вардар, игравме Олди на раклите од Офицерскиот дом, ‘како први така втори’ – скокање во вода. Секако, игравме фудбал со топка и кршевме прозорци, а имавме и чатали со кои стрелавме со каменчиња и дупевме глави и прозорци; летавме летала и чучулиги, а сакавме да трчаме и да фаќаме летоци што се фрлаа од брмчливи двокрилни авиони – се потсетува Плавевски.

Со баба му Цена и мајка му Јелица

Борче Шкембарот го канам на секоја промоција

Имал верни другари и во маало и на училиште, а со некои од нив сѐ уште се дружи.
– Од маалото најверни другари ми беа Иле Кељчо, Владе и Јове, а од училиште („Браќа Миладиновци“) најдобар другар ми беше Борче Шкембарот, со кого бевме неразделни. Двајцата учевме заедно и постојано си бевме гости еден на друг. Се браневме од тепачите. Тој беше посилен од мене и секогаш водеше сметка некој да не ме задева оти бев најдобар ученик во генерацијата и гордост на училиштето. Знаеше да добие и ќотек за мене, но тоа за него беше банална секојдневност. Секако, тоа што многу читав и учев, за него беше глупост и попусто трошење време – вели нашиот соговорник и додава дека со Шкембарот сѐ уште е во контакт и задолжително го кани на секоја негова промоција, било на книга било на фотоизложба.

– И доаѓа, дури и болен. И постојано повторува: „Еј, Куси (така ми беше маалскиот прекар) бреј, ти стана и докториште и писателиште, а беше тутуле-бале како копиљ. Ама, јас знаев дека ќе бидеш голем човек!“
– Вујковците Бранко и Томи постојано ме шетаа низ Скопје, на кејот на Вардар, во паркот, ме возеа на вовчето Ќиро, ме носеа на лулашките во паркот, на натпревари во фудбал и ракомет, на Градската плажа и на Воениот базен, ми купуваа играчки, лижавчиња, ме носеа во „Кермес“ на ќебапчиња, ме возеа со велосипед низ Скопје, одевме во циркус, во куклен театар. Во кино гледавме црно-бели каубојски филмови и филмови за Тарзан со Џони Вајсмилер, детскиот филм „Кекец“ и рускиот црно-бел музички филм „Пастир Костја“. Дедо ми Коце беше гулабар, а чуваше и славејчиња во кафез, имаше куче Динго и сета оваа менажерија за мене беше вистинско доживување – со радост се потсетува д-р Плавевски.

Им се спротивставував на вербалните законџии

Признава дека од мал се борел за својот став, дури кога морал, му се спротивставувал и на татко си Марко, кој бил најголем авторитет дома. Тогаш избивало кавга.
– Зборот на татко ми беше закон и за баба ми Цена, за мајка ми Јелица, за мене и за брат ми Лазе. Од дете не трпев авторитети и постојано избиваа конфликти меѓу мене и вербалните законџии (така ги нарекував). Татко ми знаеше да се изнервира, да вреска и да се лути, но никогаш не ме тепаше – вели тој.
Секое дете има желба што да биде кога ќе порасне. Плавевски сакал да биде возач на автомобил оти во тоа време возач на автомобил било вистинска реткост и тоа била важна работа.
– Татко ми сакаше да бидам доктор, но доктор за мене, како дете, беше невозможна мисија бидејќи докторите беа реткост и општа страхопочит која којзнае како се достигнува. Уште како дете читав многу книги и писателите ми беа преумни луѓе што знаат сè. Фотографите ме фасцинираа со своите масивни, чудни фотоапарати и ги сметав за маѓепсници оти ми крадеа дел од секојдневието со нивните фотографии – вели Владимир.

Тоа што бил најдобар ученик во одделението и првенец на генерацијата неговите родители ги правело особено горди.
– Згора на тоа, бев активен во сите секции, активен извидник, претседател на пионерската, а потем и на младинската организација. Одев на состаноци во општината, во градот, постојано се бунтував против неправилности и дотуркав до заменик-претседател на тогашната младинска организација во град Скопје, на само 14 години – вели тој.
На прашањето што би сакал да има, а што немал како дете, вели:
– Денешниве деца имаат висок степен на еманципација споредено со нашата тогашна скудна општествена реалност, висок степен на самостојност во која е вклопена електронската револуција и дигитална технологија, што во мое време не беше ниту научна фантастика. Играњето на улица е заменето со играње видеоигри, гледање телевизија и контакт со интернетот. Минатото е оставено на носталгијата, а иднината – на сонувањето.



912

X