Најголемо влијание ми извршија моите родители, учев од нив, будно внимавав и го прифаќав секој совет затоа што тие, без сомнеж, се единствените што секогаш ни мислат добро, вели Мартин
Ракометниот голман Мартин Томовски, кој ги брани боите на Македонската репрезентација и на Вардар, вели дека бил дете полно со енергија, расположено за игра.
– Кога би можел накратко да се опишам какво дете бев, би рекол, пред сѐ, среќно дете, дете полно со енергија, да не речам и хиперакткивно и секогаш спремно за каква било занимација, забава, најмногу за улични игри и спорт. Доста срамежливо, но како минуваше времето, станував сѐ поотворен, покомуникативен и подружељубив – ни сподели Томовски.
Роден е на 10 јули 1997 година во Скопје, а паралелно растел во две скопски општини, Центар и Ѓорче Петров.
Љубител на спортот уште од мал
На прашањето какви соништа негувал како дете, вели дека уште од мал имал љубов и страст кон секој спорт, едноставно спортот бил дел од него, но на крајот сепак ракометот се покажал како вистинскиот избор.
– Да бидам искрен, додека бев дете и пред да почнам да се занимавам и да играм ракометот, едноставно немав некој патоказ, но откако почнав активно да се занимавам со ракометот, полека ја добивав својата слика и визија за иднината и се гледав како успешен ракометар. Како што поминуваше времето, како што растев, дефинитивно сонував да станам врвен спортист. Иако сѐ уште барав на кој спорт да се фокусирам, во кој спорт ќе се пронајдам. На крај, на сосема случаен начин, се пронајдов во ракометот и така продолжив по тој пат – ни сподели Томовски.
Детство полно со забава и игра
Томовски имал среќно, исполнето, безгрижно детство.
– Паметам среќно детство, исполнето, би рекол и безгрижно, уживав во детските игри и во она што ме исполнуваше. Пораснав како што треба и со доста постари пријатели, но секако и со моите школски пријатели и од ракометот, со кои и ден-денес се дружиме и создадовме големи пријателства – дополнува Мартин.
Омилено место од детството му е викенд-населбата Бродец на Скопска Црна Гора, каде што има фамилијарна викендица и често слободното време го минувал таму.
– Најмногу ме радуваше времето поминато со моите другарчиња, забавувајќи се на спортските игралишта и паркови. Јадењето во тие периоди и не беше приоритет (се смее), само гледав од нога да каснам нешто и веднаш да се вратам на забавата – раскажува голманот.
Учев од родителите
Немал идоли во детството, но ги следел и учел од успешните спортисти од различни спортови во светот. Најголемо влијание врз него имаат неговите родители. А најмногу ѝ се восхитува на својата мајка.
– Најголемо влијание ми извршија моите родители, учев од нив, будно внимавав и го прифаќав секој совет затоа што тие, без сомнеж, се единствените што секогаш ни мислат добро и секој нивен совет бил со најдобра намера. Она што е дел од мене, а што го добив како совет е дека можам да станам што сакам во животот, се разбира, доколку верувам во себе, се посветам на себеси и работам без штедење – потенцира ракометарот.
Прво училишните обврски, па дружба
Во неговиот дом немало строги правила, туку секогаш се држела некоја средина, умереност во сѐ.
– Имав доста слобода, но секако прво морав да ги завршам своите обврски, а потоа да го користам слободното време – истакнува Томовски.
Играта му е во најдрагите спомени и од основно училиште.
– Кога ќе помислам на основно, прво што ми паѓа на памет се детските игри каде што често останував по часовите да играме маалски фудбал, кошарка и други игри и на крајот со молење од нашите родители заминувавме дома. Но би рекол дека тоа беа едни од најубавите моменти и сеќавања. Околу професорите и професорките, навистина имавме среќа да израснеме со најдобрите и најдраги личности кои, се разбира, ни ги дадоа правците и нѐ учеа на сите човечки и морални вредности кои и ден-денес ни се и ќе ни бидат наша водилка и засекогаш ќе им бидам благодарен за тоа. И следен чекор, кога требаше да се одлучам за средно образование, бидејќи бев веќе во подем со спортот, а секако и образованието ми беше важно, изнајдов средина и се решив за општа гимназија во „Георги Димитров“ – вели Томовски.
Томовски не е скромен кога се во прашање неговите амбиции.
– Кога станува збор за моите амбиции, би рекол дека имам највисоки амбиции, без лимит. За моите следни стремежи, ќе покаже времето, дали дефинитивно тоа би било на врвот во ракометот – завршува Мартин.
Фото: приватна архива
912