Може да се каже дека бев темпераментен, секогаш во натпревар со другарите и со братот. Отсекогаш сум бил во некаков натпревар. Моите велат дека сум бил пргаво дете. Од една страна, воспитан во односот кон постарите, но од друга страна, малку пргав во однос на детските игри и работи
Уште кога бил дете под прозорец му поминувале тркачки автомобили, така што неизбежно било да му се јави желбата и сонот и самиот еден ден да се најде на патеката, тркајќи се за најбрзото време. Станува збор за нашиот најуспешен автомобилист на сите времиња, Игор Стефановски-Иџе. Тој е роден и израснат на Водно, а токму покрај неговата куќа поминувала и сѐ уште поминува најпопуларната автомобилска тркачка патека во Македонија, која според многумина е и колевката на автомобилизмот кај нас.
Кога се зборува за автомобилизмот во Македонија, разговорот почнува и завршува со името на Игор Стефановски. Станува збор за двократен европски првак на шампионат на ридски патеки, и тоа две години по ред, во 2014 и 2015 година. Иџе во претходните седум години настапуваше во шампионатите на кружни патеки, ЕТЦЦ, ТЦР-Европа, ТЦР-Италија и ТЦР-Источна Европа, каде што се проба со европскиот тркачки крем во овие конкуренции. Пред да стапне на таа сцена, на државно ниво освои сѐ што можеше да се освои во неговата тркачка класа. Иџе за Деца.мк открива пикантерии од неговото високооктанско детство.
– Може да се каже дека бев темпераментен, секогаш во натпревар со другарите и со братот. Отсекогаш сум бил во некаков натпревар. Моите велат дека сум бил пргаво дете. Од една страна, воспитан во односот кон постарите, но од друга страна, малку пргав во однос на детските игри и работи.
Како деца правевме трки со велосипеди, а идоли ми беа Сена и Шумахер
Кај Иџе уште како дете тлеел натпреварувачкиот жар, со тоа што во секоја детска игра во која учествувал тој едноставно сакал да биде најдобар. Инспириран од неговиот постар брат, кој прв седнал зад тркачкиот волан, Иџе уште пред да тргне на училиште веќе имал неприкосновена желба еден ден и тој самиот да стане професионален автотркач.
– Мојата желба беше да бидам тркач и ништо друго. Љубовта кон трките е сѐ што паметам од детството, од аспект на активности што би сакал да ги правам. Буквално откако помнам, само тоа ме интересираше и ништо друго. Како деца правевме трки со велосипеди бидејќи бевме деца од Водно и немавме со што друго да се занимаваме. Имав идоли од Формула 1. Аиртон Сена ми беше еден идол од тоа време, па Шумахер, Дејмон Хил. Знам дека постојано се менуваа, но секојпат моите детски идоли потекнуваа од светот на автомобилизмот.
На 8-9 годишна возраст почнав да се тркам во картингот
Тркачките почетоци на Иџе се од неговата осумгодишна возраст, во картинг-сериите, што е стандарден почеток за сите деца што сакаат да навлезат во овој спорт. Константно чепкајќи го тркачкото возило во нивната гаража заедно со неговиот брат, Иџе како 18-годишник успеал некако да го намоли брат му да му го отстапи автомобилот и токму со него во 2002 година ја имал првата професионална трка во кариерата.
– Самото место на живеење верувам дека го предодреди спортот со кој ќе се занимавам. Имено, живеев многу блиску до стартот на тркачката патека на Водно и од најрана возраст го слушав звукот на автомобилите. Откако знам за себе ги сакам автомобилите и брзото возење. На 8-9 години почнав со картингот, а пресудно беше и тоа што растев на Водно каде што редовно се одржуваа трките. Кога наполнив 18 години, ја имав првата трка. Првиот тркачки автомобил беше „југо“ и би рекол дека кај нас секој тркач ја започнал својата кариера или со „фиќо“ или „југо“. Така почнав и професионално да се тркам и еве до денес ми трае кариерата.
Од забавен аспект, тогашното детство беше подобро
Детство поминато надвор, во природа, со низа игри и многу другарства е детството што го памети Иџе. Тој завршил основно училиште во „Кочо Рацин“, во подножјето на Водно, и самиот признава дека нешто премногу не се давал на учење, но сепак се трудел да биде со добри оценки. Едноставно фокусот му бил свртен кон асфалтот, нестрпливо чекајќи да заѕвони училишното ѕвонче со цел да го остави ранецот и да седне во картинг-возилото.
– На денешните деца многу им недостига тоа што го имавме ние. Денеска децата се повеќе врзани со технологијата. Сѐ во свое време. Има и предности ова време, но сметам дека од забавен аспект, од дружење, тогаш беше подобро. Сега можеби е подобро во некои други аспекти. Пријателствата од детството многу ми значат и сѐ уште сум во контакт со другарите од тоа време. Тоа се тие реални пријателства. Учев во „Кочо Рацин“ на Водно. Не бев најдобар ученик, но бев добар. Се трудев да бидам со добри оценки и се снаоѓав како што знаев, иако не учев многу.
Родителите ни дадоа вистински правец во животот
Со безрезервна поддршка од неговите родители, Иџе станал тоа што е денес. Тој се обидува истото воспитување што го добил од родителите да им го пренесе и на своите деца, велејќи дека хармонијата во неговиот дом кога тој бил дете била прекрасна и не би сменил ништо од тој период. „Да не се откажувам од ништо“ е мотото на Иџе, со кое стигна на тркачкиот врв и еве веќе втора деценија сѐ уште себично го држи за себе.
– Јас сум растен во хармонија на едно прекрасно семејство. Немаше некој да отскокнува во зборот. Родителите ни дадоа вистински правец во животот, мене и на брат ми, и нѐ насочија на вистински пат. Моите деца ги учам на истите вредности на кои и моите родители ме учеа. Сѐ што ме воспитале го применувам, бидејќи се функционални и се покажале дека функционираат кај мене и кај мојот брат. Подоцна, како тинејџер, како и на секое машко дете, така и мене знаеше да ми се случи да ги украдам клучевите од семејниот автомобил за да се повозиме со другарите. Кога ја имаш желбата за возење, нормално е и тоа да се случи во тие незрели години.
Фото: приватна архива
912