Олимпискиот вицешампион во таеквондо Дејан Георгиевски, кој ѝ донесе голема радост и победа на Македонија, ни сподели спомени со своето детство

Македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски, кој ѝ донесе сребрен олимписки медал на Македонија во категорија +80 килограми на Олимписките игри во Токио, се присетува на детството, неговите тогашни радости, амбиции.
Дејан е пример кој треба да се следи и почитува. За многумина, тој е вистински идол. Неговите достигнувања се мотив и инспирација за сегашните и идните генерации.

Вели дека отсекогаш сонувал да биде врвен спортист.

– Немав премногу јасен сон и желба кога бев дете, но знам дека сакав да бидам добар спортист. Како што поминуваше времето, така сè почесто се гледав на олимпискиот трон, и фала му на Господ тоа се оствари – изјавува Дејан.

Од 8 години се занимава со таеквондо

Домашните и блиските го паметат како мирен и фокусиран на тоа што го сака. А на прашањето кои биле неговите детски амбиции, категорично вели – олимписки медалист.

– Уште при првата средба со таеквондото знаев дека тоа ќе биде мојата животна преокупација – вели тој.
Целото негово детство е преплавено со спомени, слики, моменти од таеквондото. Едноставно таеквондото е неговиот живот.

– Деновите ги минував со мојот постар брат Коки, се сеќавам на многу маалски работи, но најмногу од сè ги паметам моментите од „Таеквондо клуб Бутел“ со моите клупски другари. Тука лежат моите најголеми спомени. Во клубот сум од 8 години и верувајте дека најубавите работи во животот ги доживеав таму. Омилено место ми беше салата каде што трениравме. Можев цел ден таму да го поминам – раскажува тој.

Уште од дете почнува да освојува медали, признавања, титули, и вели дека најмногу се радувал кога ќе освоел златен медал на некое натпреварување.

– Немав идоли, но затоа имав одлични примери кои внимателно и посветено ги следев. Тоа беа моите тренери – споделува Дејан.

Најголемите лекции ги научил од тренерите и од родителите

Бил дисциплинирано дете. А најголемите совети и животни мудрости ги научил од родителите и тренерите.

– За она што сум денеска им должам на моите родители и секако на моите тренери, се сеќавам на сите кажани реченици, совети од моите тренери. Ги практикувам и ден-денес и мислам дека ќе се сеќавам на нив до крајот на животот. Сите од семејството одиграа голема улога во градењето на мојата личност, но особено мајка ми, мајка е мајка – додава тој.

Вели дека немал некои големи ограничувања, казни, правила од страна на родителите, туку како во секое просечно македонско семејство. За некои работи важеле построги правила, за други работи родителите имале поопуштени размислувања. Но му овозможиле да расте во пријатна и здрава атмосфера, во топол дом во Кучевишка Бара, во близина на Бутел.

Омилена игра му била „Граница“
Ако не бил во сала, играл со другарите на улица. Памети разиграно и весело секојдневие со големо друштво. Омилена игра му била „Граница“. Игра за која се потребни два тима од по минимум тројца. Едниот тим ја брани својата територија, а другиот тим пробува да ја освои.

– Кога дојде време да се запишам во средно, најважно ми беше да бидам во училиште кое ќе ми биде близу Бутел, за да можам брзо да стигнам на тренинг – кажува Дејан.

Неговата приказна со таеквонодото почнува на осум години и оттогаш неговата пасија и љубов кон спортот постојано растат.

– Почнав како дете и ете Господ реши да пишувам спортска историја баш во овој спорт. А за искуствата во Токио, можам само да кажам дека тоа беше еден совршен сон. Следна цел ми е Париз, здравје. Оваа нација сака да се радува, а јас ќе се потрудам вистински да ја израдувам – дополнува Георгиевски.

Фото: приватна архива



912

X