ПРАШАЊЕ: Имам ќерка од 3 години и 4 месеци која е многу паметна, зборлива, но и прељубопитна, жива, активна. Сега имаме и бебе од 2 месеци. На почетокот сѐ беше добро, но оваа недела поголемата почна да има напади на бес секогаш кога ќе го земеме бебето. Почнува да бара да го оставиме и да одиме со неа до соба, да ја носиме и неа в раце и слично и ако ѝ кажеме „не“, почнува хистерично да плаче, да вреска, да фрла играчки, некогаш знае и кон нас да фрли играчка, не дава да ја гушнеме, не нѐ слуша кога ѝ зборуваме… Буквално плаче за сѐ и сешто. Знаеме дека ѝ е тешко затоа што претходно го имаше целото внимание од сите нас, а сега наеднаш е поделено, но вакви напади на бес ме плашат. Како да постапиме?
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и ме радува што имате едно љубопитно, живо и паметно девојче. Со раѓањето на бебето целата семејна динамика се менува и често кај постарото дете се појавуваат овие силни реакции. Иако во првите неколку недели детето може да изгледа среќно, возбудено и да нема некои поголеми промени, кога првичната возбуда поминува и детето почнува да сфаќа дека промената е трајна, тоа чувствува дека ја губи ексклузивноста. Ги губи целото внимание, грижата и физичката близина од вас, родителите, што ја имало само за себе. Иако рационално таа не го разбира тоа, на емоционално ниво се појавува страв: Дали мама и тато повеќе го сакаат бебето? Дали јас сум помалку важна? И замислете колку страшно го доживува тоа.
Од друга страна, на оваа возраст сè уште нема развиена способност за емоционална регулација. Вашето девојче е мало и се развива, учи… и кога чувствата стануваат премногу интензивни, таа е преплавена со љубомора, тага, страв, емоции кои не знае како поинаку да ги покаже, а единствениот начин да ги изрази е преку плачење, викање, фрлање играчки, удирање итн.
Гледате и сами како се бори за повторно да се почувствува сигурна во вашата љубов и вниманието, па кога ќе го види бебето во вашите раце, несвесно ја активира загриженоста дека го губи своето место. Затоа бара веднаш да ја кренете, да одите со неа в соба или да го оставите бебето. На тој начин таа проверува дали сè уште е важна и дали сте тука за неа.
Би било добро кога ќе се појави нападот на лутина, бес, колку што е можно да останете посмирени. Не објаснувајте, бидејќи во тоа време таа на слуша затоа што е преплавена со емоции. Бидете тука и присутни, но поставувајте и граници, без повишен тон. „Гледам дека си многу лута, но ние не фрламе играчки.“
Именувајте ги и рефлектирајте ги нејзините чувства, на пр., „Тешко ти е кога мама го држи бебето“, „Сега си многу лута, но мама е тука до тебе“ или „Изгледа дека ова многу те налути“, „Тешко ти е да почекаш. Ќе дојдам кај тебе веднаш штом ќе можам“, „Ајде да се гушнеме сега.“
Кога ќе ја разбереме емоционалната динамика на детето, многу од неговите однесувања стануваат појасни и полесни за препознавање однапред. Па така, пред да го земете бебето, можете да воспоставите контакт со очи, да ја допрете или да ја прегрнете, да ѝ кажете што ќе се случи: „Сега мама ќе го земе бебето малку, а ти дојди седи до мене.“ „Те молам помогни ми додека го држам бебето.“ Ако сепак се појави реакција (што е сосема нормално), останете смирени и зборувајте побавно, именувајте ја емоцијата и задржете ја границата. Таа учи дека силните чувства се дозволени, но и дека можат да се издржат и дека се смируваат.
Вклучете ја во грижата за бебето. На пр., да ви донесе пелена, да му пее песничка или да помага кога се бања.
Имајте мали, но „ексклузивни“ моменти заедно. Тоа може да бидат 10-15 минути во денот кога сте само со неа, да играте, да читате или да цртате, без фокус на бебето. Шетајте го бебето заедно надвор, таа нека одбере што ќе му облечете итн.
Сето ова е само период на адаптација. Од ден на ден таа повторно ќе почувствува дека е сигурна во вашата љубов и дека не го губи своето место и со време овие реакции постепено ќе се намалуваат, а вашите деца ќе научат да растат заедно.
Доколку ви е потребна дополнителна помош, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova