Имунитетот е одбранбен механизам на нашиот организам, одговорен за заштита од заразни болести, но е еднакво важен и во одбраната од малигни заболувања. Затоа неговото одржување е клучно за здрав живот кај сите, особено кај децата. Добриот имунитет на детето му обезбедува силна природна заштита од болести. Ако тоа го нема, организмот станува подложен на замор и болести и не може да се заштити од инфекции без разлика дали станува збор за настинки, алергии или поради продолжен имунолошки дисбаланс. Ако детето често се разболува, родителите треба постепено да му го зајакнуваат имунитетот. На кој начин, побаравме одговор од д-р Невенка Ракетиќ, специјалист по педијатрија и имунологија.
Кој е основниот показател дека имунитетот на детето не е добар?
Ако постојано има чести инфекции кои не реагираат на применетата терапија. Тоа практично значи дека детето постојано е болно и никогаш не влегува во фаза на подолг период (најмалку неколку месеци) здравје. Предуслов за добар имунитет е детето да се дои барем во првите шест месеци. Бебето се раѓа со систем кој не е подготвен за условите во надворешниот свет, па имунолошкиот систем треба да се развие. Првиот имунитет го добива преку мајчиното млеко, а вториот чекор е вакцинирањето. Не треба да се заборави дека благодарение на вакцинацијата, многу опасни болести за животот на децата се искоренети или намалена е смртноста од нив.
Што можат да направат родителите за да го зајакнат имунитетот на детето, во однос на животниот стил?
Важно е детето да има дневна рутина: кога јаде, кога спие, кога се одмара, кога игра. Спиењето е особено важно бидејќи тогаш се создава хормонот на раст, но и различни компоненти на имунолошкиот систем. За децата од претшколска возраст ,оптимално е да спијат барем 12 часа, а за постари деца се препорачуваат 7-8 часа сон. Од друга страна, детето треба да има доволно физичка активност: возење велосипед, возење ролери или едноставно трчање на отворено.
Дали исхраната е пресудна?
Детето треба да има пет оброци дневно, три главни и две ужини. Свежото овошје и зеленчук се најдобрите извори на витамини и минерали. Родителите обично повеќе внимание посветуваат на овошјето, на пример, едно јаболко дневно и го занемаруваат зеленчукот. Во оброкот треба да има и свежа салата. Ако детето го одбива тој тип исхрана, се користат суплементи со витамини А, Ц и Е кои покрај имуностимулативното дејство имаат и антиоксидативно влијание. Најновите истражувања покажуваат дека витаминот Д има важна улога во зајакнувањето на имунитетот. Витаминот Д ја поттикнува апсорпцијата на калциум и фосфор. Мајчиното млеко е единственото што нема доволно витамин Д, затоа тој секогаш се додава кај бебињата. Често во суплементите има и „добри бактерии“, односно пробиотици кои го поттикнуваат одбранбениот систем на дигестивниот тракт.
Кое овошје и зеленчук би ги издвоиле?
За одредени видови овошје и зеленчук е докажано дека го стимулираат имунитетот. Кај овошјето тоа се јаготките, црвениот грејпфрут, боровинките, папајата, кајсиите, мангото и бананата. Од зеленчукот доминираат доматот, спанаќот, компирот, морковот, лукот, кромидот и тиквата. Детето треба да внесува и доволно „добри масти“ во форма на маслиново масло или морска риба, како извор на омега-3 незаситени масни киселини.
Рибиното масло е корисно за развој на заби и коски.

Дали треба месо во секојдневната исхрана?
Апсолутно. Ако детето е анемично, треба да се зголеми внесот на црвено месо (телешко, јагнешко), а вообичаено во оброкот треба да има пилешко, мисиркино и јагнешко, а најмалку свинско месо.
Не треба да се занемари внесот на течности
Детето треба да пие доволно течности, најмалку осум чаши вода дневно, чаеви, млеко и јогурт. Треба да се избегнуваат газираните пијалаци со шеќер и вештачки засладувачи. По втората година од животот се препорачува секојдневен внес на 500 милилитри млеко и млечни производи, комбинација од млеко, јогурт, павлака и младо сирење. За разлика од возрасните, децата треба да пијат млеко со повисока масленост бидејќи се во фаза на развој. Млекото и јогуртот се богати со калциум и се важни за растот на коските. Јогуртот е важен и како извор на пробиотици.
Зошто благото и грицките се лоши за децата?
Потребно е да се намалат благите затоа што шеќерите го намалуваат бројот на леукоцити и создавањето антитела, односно имаат имуносупресивно дејство. Грицките влијаат врз имунитетот бидејќи децата кои јадат таква храна се склони кон дебелеење, а е докажано дека дебелината го намалува имунитетот и овие деца се поподложни на инфекции. Грицките никогаш не треба да бидат ужина. Ужина може да биде сок или овошје, а ако детето сака нешто да грицка, најдобри се ореви и сушено овошје (сепак треба да се внимава на потенцијални алергии, особено ако има фамилијарна историја).
Што да се направи за да се сведат алергиските реакции на минимум?
Основна препорака е избегнување на алергените и навремено воведување соодветна терапија. Детето не треба да се шета рано наутро кога има најмногу алергени во воздухот, ниту по дожд или кога е ветровито. Хигиената мора да е на високо ниво. Детето треба да се капе секој ден, облеката да се пере редовно и да не се суши надвор за да не дојде до изложеност на алергени. Во детската соба треба да се отстранат завеси и килими кои собираат прашина, а подовите да се бришат со влажна крпа.
Како родителите да разликуваат алергија од настинка?
Настинката трае неколку дена, а алергијата подолго време. Настинката обично е со покачена температура, што не е случај кај алергиите. Секретот од нос кај алергија е бел и густ, а кај вирусни или бактериски инфекции е жолто-зелен. Кашлицата е присутна и кај двете, но кај алергија е надразнувачка и придружена со гребење во грлото. Црвенилото и солзењето на очите се исто така карактеристични за двете состојби.