Ако сте родител на мали деца, можеби се плашите од еден аспект од празничната сезона: да ви се соберат многу пластични играчки. И покрај максималните напори на родителите милениумци да се спасат од отпадот, сепак, некако корпата за играчки продолжува да се преполнува, а автомобилчињата, куклите и лего-коцките се чини дека секогаш ви се под нозете.
Се чини дека сите родители се обидуваат да најдат начин да го намалат количеството на играчки (често од добронамерните роднини), што се насобираат во нивните домови.
Но, податоците покажуваат друга страна на приказната.
Постои економска реалност зошто децата имаат многу повеќе играчки денес, за разлика од претходните генерации: играчките се многу, многу, многу поевтини отколку што биле пред 30 години.
Американското биро за статистика на трудот го следи индексот на потрошувачки цени, кој во основа претставува стапка на инфлација за различни категории на стоки и услуги, како што се образованието, медицинската нега, домувањето или намирниците. Играчките како категорија имаа значителна дефлација – што значи дека станале многу поевтини во последните 30 години. Ова се должи на неколку фактори, но главно на зголеменото потпирање на евтиното производство во странство.
Едноставно кажано: играчка што чинела 20 долари во 1993 година, денес би чинела само 4,68 долари. Можете да купите кукла Барби за 11,99 долари на „Амазон“ во моментов – но, тоа се приближно истите цени на Барбиките што беа застапени и во раните 90-ти.
Споредете ја дефлацијата на цените на играчките со друга работа на која родителите на мали деца трошат многу: грижата за децата.
Трошоците за дневен престој и предучилишна установа се зголемени за повеќе од 200% од 1993 година. Тоа значи дека школарината за дневен престој од 500 долари месечно во 1993 година е еквивалентна на приближно 1.600 долари месечно во денешно време.

Размислете за ова: цените на дадилките се околу 17 до 20 долари на час, во зависност од областа во која живеете. Тоа значи дека состанок во кино, во времетраење од 3 часа, ќе ве чини околу 50 до 60 долари. (И не очекувајте бабите и дедовците да помогнат: многу родители милениумци велат дека не можат да сметаат на нивните родители дека ќе им ги чуваат децата).
За истата сума, можете да купите играчка дрон (19,59 долари) и фламинго што пее (34,01 долари). Не е ни чудо што родителите се под толкав стрес.
Автор: Кејти Нотопулос