Неодамнешно истражување на Јагелонскиот универзитет во Полска откри дека татковците што имаат ќерки живеат подолго од оние што немаат. Поточно, со секоја родена ќерка животниот век на таткото се зголемува за 74 недели.
Научниците од овој универзитет анализирале податоци од над 4.310 лица (2.147 мајки и 2.163 татковци) за да го испитаат влијанието на децата врз долговечноста на родителите. Резултатите покажале интересен образец: додека синовите немале мерливо влијание врз животниот век на татковците, ќерките биле поврзани со значително продолжување на нивниот живот.
– Колку повеќе ќерки има таткото, толку подолго живее. Поточно, 74 недели подолго за секоја родена ќерка – се наведува во истражувањето.
Зошто ќерките им го продолжуваат животот на татковците?
Постојат неколку фактори што можат да ја објаснат оваа врска меѓу долговечноста на татковците и нивните ќерки:
Поздрави животни навики – Татковците со ќерки почесто усвојуваат подобри навики, како што се балансирана исхрана и редовна физичка активност;
Помалку стрес – Ќерките обезбедуваат емоционална поддршка што може да го намали нивото на стрес. Истражувањата покажуваат дека татковците на ќерки поретко се впуштаат во ризично однесување и почесто бараат лекарска помош кога им е потребна;
Емоционална поврзаност – Врската меѓу таткото и ќерката создава стабилен систем на поддршка кој ги подобрува и менталното и физичкото здравје.

Ова покажува дека односот помеѓу таткото и ќерката не носи само емоционални, туку и физиолошки придобивки. Често, ќерките се тие што ги мотивираат татковците да се грижат повеќе за своето здравје, што води кон подобри животни навики и подолг животен век.
Дали децата им го продолжуваат животот на мајките?
Интересно е што овие здравствени придобивки не се забележани кај мајките. Според истражување објавено во „Америка журнал оф хјуман бајолоџи“, и синовите и ќерките можат да го намалат животниот век на мајките поради физичкиот и емоционалниот стрес што го носи воспитувањето на децата.
Сепак, едно подолгорочно истражување, спроведено во период од 14 години, покажало дека децата, без оглед на полот, го зголемуваат животниот век на двата родители во споредба со паровите што немаат деца.
912