Лоши вести! Ќерка ви ви кажа дека мисли оти е дебела. Но добро е што ви кажа
Секогаш е добро тоа што вашето дете ви се обраќа за помош затоа што тоа значи дека бара некој на кој му верува и од кого сака да слушне повратна информација. Затоа, важна е и повратната информација што ќе ѝ ја дадете кога ќе ви каже дека мисли оти е дебела, бидејќи проблемот може да стане многу сериозен со текот на времето.
Еве што советуваат експертите.
1. Запознајте се со фактите
Не сте единствени што се соочуваат со овој проблем. Помеѓу девојките во основно училиште од 40 од 60 отсто се загрижени за нивната тежина. Со други зборови, вашето дете може да е во право.
2. Разберете го влијанието
Зошто сликата за телото е толку важна на толку млада возраст? Големо влијание имаат медиумите. Исто така, фактор може да е и тоа што денешните девојчиња порано влегуваат во пубертет.
3. Воздржете се од коментари
Пред да кажете нешто или да преземете акција, слушајте го вашето дете. Ова е многу важен момент за да покажете дека сте тука за вашето дете, да го направите да се чувствува добро, сакано и да покажете дека се грижите бидејќи во овој момент вашето дете е прилично ранливо. Меѓутоа, во никој случај не треба да го игнорирате или веднаш да почнете со диети и фитнес-совети.
4. Кажете ѝ: „Убава си и внатрешно и надворешно“.
Децата се како нас. И ние сакаме да слушнеме убави работи за нашиот изглед. Сепак, потребно е да им кажете дека и нивната внатрешна убавина е важна. Важно е да им покажете дека една личност е комплетна кога има карактер, интелект и други интереси.
5. Прашајте ја: „Зошто го велиш тоа?“
Прашајте ја од каде ѝ е коментарот. Ако се случило нешто на училиште, внимавајте и разговарајте со наставниците, да не станува збор за вербално малтретирање.
6. Запрашајте се себеси: „Дали е вистина?“
Ако е вистина, тогаш фокусирајте се на здравјето на семејството. На пример, испланирајте почесто да готвите здрава храна, а за викендот одлучете се за заедничка фамилијарна активност. Немојте да го наметнувате ставот: „Мораш да изгубиш килограми“, туку почнете со ставот: „Како семејство, сакаме да бидеме здрави“.
7. Погледнете во огледало
Истражувањата покажале дека мајките што се грижат за нивната тежина имаат поголема веројатност да имаат ќерки кои на 5-годишна возраст ќе имаат слични грижи. За да ѝ покажете на вашата ќерка дека треба да има здрав живот и вие треба да водите таков живот.