Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 7 години и моментално е трето одделение. Уште од прво одделение (а и пред тоа) имаме проблем со концентрација. На почетокот тоа го препишував на малата возраст (5 години и 10 месеци во прво одд.) но со оглед на тоа што сѐ уште се провлекува, јасно е дека не е до годините.
Она што сметам дека е важно да го напоменам е дека таа е таква уште од најрана возраст, никогаш не можеше да го задржи вниманието на една игра, секогаш игрите ѝ стануваа здодевни по 5 минути и бараше нова игра, речиси никогаш не си играше сама, ниту пак знаеше да седне и да гледа цртан подолго време. Таа беше многу болешливо дете и постојано беше со висока температура, па постојано беше разгалувана, на што моментално не се гордеам како родител. Тоа што е родена како прво дете и прво внуче, уживајќи во статусот на единствена на која ѝ се посветуваше внимание од сите страни, верувам дека си го направи своето.
Сега повеќе ме загрижува тоа што почнува да не се срами од ништо, да има премногу самодоверба која често е надвор од границите, сака да е главна на училиште до степен на агресија и ја интересира сѐ освен тоа што треба.
Незаинтересирана е за материјалот и почнува да не ги извршува задачите што ѝ ги дава наставничката.
На училиште ја интересира што прават другите деца, што носат, какви предмети имаат и иако таа има сѐ, секогаш другото е поубаво.
Знае да ми каже дека никој не ја сака и дека никој не сака да се дружи со неа. Нема проблем со социјализација, отворена е за другарство, но имам чувство дека е премногу нападна со децата, да не кажам агресивна и затоа ја одбегнуваат.
Ве молам за совет како да ја насочам во правилната насока.
ОДГОВОР: Ме радува што вашето девојче е напредно и паметно, пофално е што сте одлучиле да побарате совет како да ѝ помогнете, а и вам како родители.
Многу често се сретнувам со многу родители кои имаат ставови или уверувања во врска со воспитувањето на детето, а кои водат во спротивна насока, на пример: „Ако сум добар и љубезен родител, тоа ќе доведе до добри односи со моето дете„ или страв од дозволување на детето да доживее нешто непријатно и верување дека во голема мера, благодарение на позитивните искуства, тоа ќе порасне во среќна и добра личност.
Вие сами сте почнале да забележувате дека поради одредени причини, многу работи што можеби не требало да ѝ бидат дозволени, ѝ се дозволиле поради тоа што во заднина постоело нешто со кое вие како родител сте се бореле. Во тие моменти веројатно ви било многу тешко, а и на блиската фамилија, да го оставате детето во одредена ситуација, за да не доживее, искуси непријатни искуства. Од друга страна, децата се стремат и одат кон освојување на светот, на својата автономност, но во исто време родителите се многу потребни. Во тој развоен процес децата имаат потреба од граници, јасна структура и јасни граници на однесување.
Границите се важни за децата и тие постојано се менуваат, динамични се. Често нивното однесување бара сигурно место каде што ги разберат правилата, за она што можат, а што не. Ова место не е само извор на сигурност, туку и на љубов и интерес за личноста на детето.
Ваша задача како родител е постојано да му поставувате граници на вашето дете, но најпрвин да размислите и да откриете кои се вашите внатрешни граници, дали постои слаба „ограда“ за вашето дете и дали умеете јасно да ги искажете и објасните.
Таквиот пристап ќе му олесни на детето да научи да се справува со разни емоции и ситуации, а воедно и ќе има јасна слика за тоа што очекувате од неа и кои се ограничувањата за одредено однесување. Исто така, таа ве гледа како пример и модел на однесување, но има и потреба од ваше одобрување и пофалби за да изгради добра слика за себе.
За да добиете повеќе информации за тоа како да постапите и како да развиете подобар однос со вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација во форма на опширен пишан одговор или пак онлајн средба на sovetuvanje@gmail.com.
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912