Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 12 години. Ми се довери дека симпатија ѝ е едно девојче. Се вџашив. Ве молам објаснете ми како да реагирам?

ОДГОВОР: Самиот момент дека вашата ќерка ви се доверила е значајна информација дека е отворена да зборува со вас за своите размислувања, чувства и привлечност. Таа е во период на животот во кој многу природно се интензивираат чувствата кон други објекти на привлечност освен родителите. Во овој период децата почнуваат поинаку да се интересираат за светот и за другите во него, за своето тело и телесните промени, како и за процесите што природно ги следат. Верувам дека никој не е спремен да разговара на овие сензитивни прашања со своето дете. Многу е нормално е како родители да сме загрижени многу повеќе кога сме несигурни и кога првпат наидуваме на ваква информација за нашето дете. На секој родител му е потребна безбедна дистанца за да погледне во она што го вознемирува и плаши и на кој начин може соодветно да постапи, како што вие го правите ова со вашето прашање. Таа дистанца е во ред доколку и вам ви даде простор да проверите што сакате да креирате и одржувате во релацијата со вашата ќерка.

Кога станува збор за симпатија, кај тинејџерот/тинејџерката постои потреба во една посигурна дистанца да се истражат чувствата што ги има за другиот. Симпатија значи и воодушевување поради одредени карактеристики на другиот кои не ги забележува кај себе, но ги препознава кај другите и некако полесно му е да се поврзе. Впрочем, секој различно зборува за своите симпатии, но тоа секако се личности кои на некој начин ни оставаат голем впечаток, на кои им се воодушевуваме и со кои сакаме да се идентификуваме. Еве, потсетете се на вашите симпатии на таа возраст, или малку подоцна. Вашето навраќање на тој период од животот нека биде основа на разбирањето на целата збунетост и нејаснотија што започнува кај младите кои емоционално се будат.

Пред да се исплашите и загрижите или пак целосно да го игнорирате прашањето, заедно со неа да истражите за каква привлечност и какви чувства станува збор. Воедно можете во разговорот да кажете и за вашата изненаденост, но не да ве блокира, туку да биде тоа една потреба за разјаснување со цел разбирање. Не тргнувајте со претпоставки кои не се проверени со неа, ниту разговарани. Претпоставките и стравовите честопати знаат да ја кренат комуникацијата и животот на многу покатастрофално ниво од она што навистина е, да ја сменат релацијата и да го обременат односот. Особено кога родителот со своите доживувања доминира во односот и кога комуникацијата е еднонасочна со цел да се олесни разбирањето кај родителот, а не кај тинејџерот.

Вистина е дека како родители многу пати ќе се исправаме пред вакви сензитивни теми со кои се соочуваат нашите тинејџери. Она што е значајно кога станува збор за отворање сензитивни теми во разговорот е на почеток да постои волја и желба да се разберете, потоа е потребно да постои интерес за да се направи разговорот од двете страни. Многу е важно јасно да се дефинираат поимите што се користат во комуникацијата (што подразбира тинејџерот, а што родителот), важно е како родители да се обидеме да разбереме што точно мисли и чувствува нашето дете кога ни соопштува свое размислување и чувствување за вака сензитивна тема. Важно е да не ги криеме нашите родителски грижи затоа што се нормален дел од растењето и воспитувањето, но треба да внимаваме тие да не бидат единствен повод за разговорот. Потребно е да се обидете да разберете дека вашето девојче ве има можеби единствено вас за да ви се обрати со ваква дилема. Затоа не затворајте ја прерано вратата на поврзувачкиот дијалог поради претпоставки, изненаденост и страв, туку обидете се секогаш да биде отворена за да може љубовта и разбирањето природно да циркулираат помеѓу вас две. Доколку сакате да добиете повеќе поддршка и психоедукација за тоа како да разговарате со вашиот тинејџер во однос на овие сензитивни теми, може да закажете родителско советување на radmila.zivanovic@gmail.com или psihoterapika@gmail.com.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X