Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 15 години и ми се довери дека има дечко. Се изненадив, не очекував… Како да разговарам со неа, што да ја советувам, како да постапам?

ОДГОВОР: Ви се случила една многу убава работа. Ова е потврда дека вашиот однос со неа е многу добар и дека таа има доверба и чувствува голема сигурност во вас. Веројатно сте биле преплавени со различни емоции, но и загриженост како и мало чувство на збунетост. Ова означува промена, ново поглавје во животот на вашето дете, кое може да биде возбудливо и многу предизвикувачко.

Но, оваа нова ситуација е голем момент за двете, ви дава можност да изградите уште поголема доверба и отворена комуникација. Затоа, прифатете ја нејзината отвореност, покажете интерес за нејзините чувства и искуства (на пр., како се запознале, колку години има дечкото или кога се сретнуваат итн.). Од друга страна, кажете како вие се чувствувате и дека сте благодарни што чувствува голема доверба и блискост со вас за да ви се довери.

Поразговарајте што е тоа што го цени кај нејзиното момче, што ѝ се допаѓа, разговарајте за почитта, љубезноста, за комуникацијата и искреноста.
Иако зборувањето за сексуалноста не е лесно за многу родители и многу често станува непријатна тема на која не може да се зборува, наша должност е да ги едуцираме децата за „одговорна сексуалност“ за да ги доживеат своите први интимни искуства со поголема свест и помал ризик.
Ве советувам да се обидете да ја воведете темата. Бидете отворени не само да давате информации, туку и да ја прашате што ѝ треба или што чувствува и дали сака да разговара за тоа.

Адолесценцијата како развоен период е време на големи промени, а вашето водство е непроценливо за неа дури ако понекогаш не се согласувате со сите нејзини избори. Но кога изразувате разбирање и сте подготвени за слушање, правите вашата врска да биде уште посилна.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.



912

X