Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам ќерка од 14 години и има нарушување во однос на исхраната, има ослабнато повеќе од што треба, а има и некои напади на нервоза. Ве молам за совет.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Пред што било да одговорам еве неколку насоки што треба да ги земете предвид кога гледате на оваа ситуација со вашата ќерка. Потребно е да се исклучат можни органски, поточно физиолошки причини за состојбата.
Во периодот на пубертет, особено овој период во кој се наоѓа вашата ќерка, драстично се менуваат телото и телесните процеси, како и претставата за нив. Таа честопати е збунувачка, некомплетна и дури и застрашувачка – едно бев вчера, денес сум нешто поинакво. Значи постои шок од настанатите драстични телесни промени. Понекогаш кај некои деца потребно е да помине повеќе време за да се навикнат и да ги присвојат настанатите телесни промени. Затоа и би сакала да ве прашам дали забележувате рапидни промени во телото на вашата ќерка за овој период (или периодот откога го мапирате почетокот на губење на тежината)? И дали знаете што знае таа и како реагира на настанатиот пубертет? Како вие се позиционирате во однос на оваа нејзина изменета животна позиција, како реагирате и како ја прифаќате? Дали таа се чувствува доволно поддржана да ви се довери за ова што ѝ се случува?

Радмила Живановиќ

Нарушувањето на исхраната познава различни видови и симптоматологии, некои се транзиторни состојби активирани во фази на интензивен животен стрес, како што е пубертетот, а други иако почнуваат тогаш, постои можност да се хронифицираат и перзистираат подолго доколку не се превенирани навреме.
Ако ова е состојба која трае подолго, тогаш препорачувам да се консултирате и со психијатар, доколку претходно сте исклучиле органски причинител. Губењето на тежината метафорички може да се види и како повлекување во некоја невидливост, можеби претпоставува и постоење на некое неразјаснето чувство на срам, кое доаѓа од неразјаснети интензивни процеси и промени во телото. Сметам дека вашата ќерка можеби има потреба да поразговара за овие промени со психолог-психотерапевт, каде што во една посигурна средина, неоптоварена и од вашите нормални реакции на грижа, би можела да сподели што „ја јаде однатре“ и што ја прави да се повлекува. Сепак, поради мал опус на информации, јас не можам да ви дадам повеќе насоки, затоа што е потребна посоодветна опсервација на нејзината феноменологија на случувања, што единствено преку стручно воденоинтервју и психотераписка работа може да се добие. Психотераписка работа со млади подразбира посебен дизајниран пристап во работа со таа популација, каде што најчесто се применуваат соодветни техники на истражување, соочување и поддршка за одредени нивни нејасни прашања да добијат смисла, како и да се научат одредени стратегии за соочување со нив. Првата средба се прави со адолесцентот и родителот, а понатамошните средби се договараат со адолесцентот, при што одредени информации во согласност со него/неа се споделуваат и со родителот. Неретко во овој процес му се предлагаат на родителот и одредени техники на разговор и работа со адолесцентот, со што би се поддржал психотерапискиот процес на младиот.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com
тел. 070734512

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X