Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Живееме на Малта веќе четири години и тука ми се родени двете ќерки. Едната има 2 години и 3 месеци и чувствувам дека има некој проблем. Кога наполни една година почна да кажува мама, тато, баба и плус некои бебешки зборови, но за многу брзо замолчи. Оттогаш, па сѐ до денес нема изговорено зборови, само вреска ако сака да добие нешто. Многу е повлечена во себе. Не дозволува ништо да ѝ покажеш, не сака да се дружи со други деца, многу брзо се нервира, па дури и ако ѝ е интересна играта на почетокот, подоцна ѝ создава нервоза. Кога ѝ се јаде, се лути и мора секој оброк да биде со молење, никако не сака сама да јаде. Откако се роди нејзината сестра, која веќе има 6 месеци, добива уште поголемо внимание од нас, но таа целосно нѐ игнорира, а сестра си не ја ни забележува. На 2,5 месеци ја оставив и почнав на работа. Не оди во градинка зашто немаше место, поголемиот дел од времето го поминува дома со цртани, на кои исто така премногу им се радува, но не сака да ги имитира и да пее. Премногу ми е жал и би сакала да ми помогнете.

ОДГОВОР: Ви предлагам да се консултирате со психолог кој прави процена за невролошки развој кај деца, како и со дефектолог, особено затоа што самите информирате за доцнење во говор, проблеми со експресија, повлекување и изолација, импулсивни и агресивни реакции, неоснована тврдоглавост или, пак, послаба и неадекватна реакција на значајни промени. Битна ви е процената, пред сѐ, вам за да знаете на што сте.


Вака само претпоставувате и не знаете како соодветно да реагирате на нејзиното однесување. Раната интервенција е исклучително важна за надминување на одредени развојни застои и им дава на родителите одредена сигурност, но и моќ за дејствување. Честопати превенира да се развијат посериозни развојни нарушувања. И токму поради тоа, ве советувам да направите соодветна процена за да знаете како да интервенирате во соодветни ситуации и какви можности да му понудите на вашето дете за раст и развој.

Верувам дека се соочувате со многу нејаснотии, страв, фрустрација, игнорирање и одолжување верувајќи дека работите ќе се стабилизираат. Верувам дека и новиот член во семејството ви донесува дополнителни обврски. Сепак, со цел да му обезбедите на детето соодветен третман, грижа и работа за сите овие прашања, како и да го стимулирате нејзиниот развој, потребно е да започнете со запознавање и признавање на ситуацијата во која се наоѓа вашето дете.

Доколку Ви е потребно да добиете дополнителна поддршка за да можете адекватно да ги адресирате овие сензитивни прашања на развојот на вашето дете би можеле да се обратите за родителско советување на radmila.zivanovic@gmail.com или psihoterapika@gmail.com.

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X