Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам четири ќерки , а најголемата има 16 години. Проблемот е што ништо не слуша, си тера по свое. Како да се справам со тинејџер?

ОДГОВОР: Во адолесценцијата децата влегуваат во фаза на повторно откривање на светот, со поинаков начин на размислување поради сите промени што се случуваат кај нив на телесно, емоционално и на релациско ниво. Нормално е дека се менува и начинот на однесување дома и со родителите, но и вие како родители се менувате во сета таа динамика. Секој адолесцент е различен, а исто така и секој родител. Тешко е да се прифатат затвореноста, рамнодушноста и тврдоглавоста во оваа фаза од животот.
Вашата ќерка е адолесцент, па така противењето и бунтот против родителите е природен процес. Таа е во период на промена, на откривање, на градење сопствен идентитет со многу емоции, збунети чувства и со висока доза на импулсивност. Го открива светот на свој начин и често ѝ е тешко да ги слуша вашите мислења, забрани, наредби итн. Постојано бара свој простор да побегне од „гнездото“.
Ова време на растење е убав и важен период од нејзиниот живот иако доста често може да биде напорен.

Веројатно поставувањето и спроведувањето здрави граници е еден од најголемите предизвици со кои се соочувате секојдневно. Бунтот често е резултат на постојаната желба да ги помести границите. Но правилата и границите мора да бидат присутни, дури и да не ги прифаќа, дури и кога вика, лошо одговара… Некој мора да означи што може или не може. Поставувањето добри граници е еден од најдобрите начини да се намали конфликтот, да се подобри комуникацијата и да се изгради доверба во односот со вашата ќерка. Добра граница е онаа што е јасна и разумна и треба да биде лесно препознатлива и изразена. Можете да кажете:

„Те сакам, но нема да толерирам непочитување.“

Кавгата е борба на емоции. Кога на тоа ќе се додадат и вашите емоции, станува еден хаос, а тоа носи исцрпеност и лутина. Ако сакате да решите нешто важно, обрнете внимание на односот со неа, таа има потреба од пријател и цврста и безбедна средина каде што може да биде своја за да ги обработува настаните во животот. Доколку применувате казни, тоа едноставно ќе ја оддалечи и ќе ја намали веројатноста дека ќе ги имате информациите за тоа што се случува во нејзиниот живот, а кои ви се потребни за да бидете добар родител.
Прашувајте, слушајте, бидете заинтересирани за она што го прави, што мисли, а почесто поставувајте ѝ ги овие прашања: Како си?, Дали е сѐ во ред?
Имајте трпение, почит и покажете ѝ ги вашата поддршка и вашата доверба.

Ако мислите дека не можете да се справите со ситуацијата и ви треба помош за вашето дете, потребно е да закажете родителско советување во форма на опширен пишан одговор или пак онлајн средба на sovetuvanje@gmail.com.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X