Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на предвремено родено дете, во 29. гестациска недела, со родилна тежина од 980 грама и два месеца беше во инкубатор. Сега има една година и 4 месеци, но проблемот е што не се врти секогаш кога ја викам по име, се загледува во светилки и замижува, кажува мама и баба. Ја носиме на физикална терапија, но има проблем со моториката, не лази, не станува.
Ја носиме на редовните прегледи во центарот за развој и оттаму кажуваат дека доцни со развојот, ништо повеќе. Дали е нормално да доцни и повеќе од коригираната возраст и што да преземеме за нејзиниот развој?

ОДГОВОР: Да се биде родител на предвремено родено бебе е придружено со долготрајна вознемиреност за развојот на детето. Претпоставувам, а и како што наведовте во вашето прашање, постојано сте оптоварени и размислувате за следење и проверка дали развојот напредува правилно. Предвреме родените деца се изложени на ризик, поради тоа и вашата родителска вознемиреност е оправдана, трае и е присутна кај вас. Предвремено родените бебиња се развиваат малку поинаку, рефлексите и мускулите еволуираат поинаку од доносените бебиња, поради тоа развојните норми се широки. Иако се укажува на одредени временски рамки или опсег на возраст во која обично се предвидуваат специфични вештини кај децата, секое дете се развива со свое темпо, а неговиот развој е под влијание на многу, често меѓусебно поврзани фактори, како биолошки, емоционални и социјални.

Вие веќе посетувате физикална терапија, претпоставувам дека имате програма на вежби и активности кои го поддржуваат сензорниот, моторниот и когнитивниот развој на вашето дете, кои и дома ги правите. Сè што ве загрижува и имате прашања во врска со развојот на вашето дете со цел да ви биде појасно, слободно прашувајте, не плашете се да зборувате за вашите чувства, стравови, нервози, со вашиот педијатар, физијатар, како и вработените кога одите на контрола во центарот за развој. Моторниот развој обично е одложен, поради тоа има периоди на забрзување и „стагнација“, како тешкотии во превртување, лазење, одржувањето на независна седечка положба и доцнење во самостојното одење. Сите бебиња сакаат да си играат и играта да е во движење, а најпримамливо им е играњето со вас и играчките. Затоа, одредете време во кое и ќе играте и ќе вежбате секој ден. Гушкајте се и разговарајте лице в лице, покажете му играчки кои треба да ги гледа и следи со поглед.

Слики со светли бои и гумени или кадифени играчки. Почесто да биде легнато на стомак, да посегнува по вас и играчките и да клоца, ова помага да се изградат мускулите што ќе треба да ги користи за да се преврти, да седне и на крајот да ползи. Вежби со нозете „велосипед“. Да држи мали и поголеми играчки и други предмети со различни големини и форми, да ги дофаќа и крева, интересни се предметите и играчките со звук кои светкаат и свират.
Многу е важно да си дадете време себеси и да се заштитите, да разговарате со близок или со професионално лице секогаш кога ќе почувствувате потреба. Вашето девојче е голем борец, а и вие.
Ако имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација во форма на опширен пишан одговор или пак онлајн средба на sovetuvanje@gmail.com.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X