Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 12-годишно девојче. Пред 2 години стана многу агресивна спрема сите во семејството, мајка, баба, дедо. Сопругот не живее со нас веќе 9 години.
Таа ме навредуваше и физички ме напаѓаше. На училиште се жалеше од сите другари дека ја напаѓале. Бев принудена да ја запишам во друго училиште бидејќи одбиваше да оди на настава. И моите родители се преселија по нејзина желба. Од одлична ученичка стана проблем. Петто одделение едвај го заврши со полагање стручен испит. Шесто почна редовно да оди на настава, ама ништо не учеше. Седмо беа онлајн, па речиси цело полугодие не одговараше на часовите. Ми објаснува дека го мрази македонскиот јазик, не сака да ги слуша наставниците, а и мене дома не сака да ме слуша. Кога сакам нешто да ѝ кажам, ги затнува ушите. Сакала да учи на англиски, а таквите училишта чинат 4.000 евра годишно.

На телефон е цело време, не се дружи со никој, ретко излегува, одвреме-навреме учи да свири на гитара. Сега најново е промена на полот. Сакала да биде машко. Кога ми кажа, само што не се онесвестив. Во главата ми е хаос. Не можам сосила да ја однесам на психолог. Знам само дека итно треба да го решиме овој проблем. Инаку, со татко ѝ веќе 2 години не се слушаат. Му забрани да ѝ се јавува и да доаѓа, па тој си чекал. Како да се скарал со комшија, а не со ќерка. Ми треба совет и насока.

ОДГОВОР: Покрај тоа што вашето девојче поминува низ одредени физиолошки и психолошки промени како резултат на пубертетот, таа поминува и низ период на поместена агресивна реакција најверојатно настаната поради тоа што е во двегодишен конфликт со нејзиниот татко, кој, како што велите, не покажува никаква заинтересираност да ја промени ситуацијата. Според мене, сите овие нејзини реакции се потреба да се казни и да се повреди родителот кој и онака не е присутен во нејзиниот живот, но тоа го прави на еден многу несоодветен начин, поточно кај неа не постои свесност дека целата таа лутина е генерирана од неговото непризнавање и невклученост како родител. Дополнително, можно е да ви е многу лута вам, на семејството што останува со неа, затоа што и вие не наоѓате начин како да ја заштитите од оваа траума предизвикана од игнорирањето и непризнавањето на таткото. Некако, иако се поминати 9 години, како да тој и понатаму да живее со вас, со неговото присуство, а сега и со нејзината агресивна реакција…

Сакав да ве запознам со еден концепт кој често пати се случува кога сме повредени од едниот родител, а другиот се перципира како немоќен да интервенира во ситуацијата. „Идентификација со агресорот“ е концепт кој доаѓа од психоанализата, поточно механизам на одбрана, според кој, од сопствената состојба на безнадежност и немоќ, дури и злоупотреба, (позицијата на жртва), се браниме со однесување кое го препознаваме како специфично за агресорот, оној што поседува моќ да казни и повреди. Како што вашата ќерка секогаш се брани агресивно кога ќе ѝ биде кажана нејзината слабост и немоќ во разговор со вас или околината. Тогаш таа не може да ја признае повредата кај себе и се брани со агресија кон другите, вклучително и кон вас, целото семејство, кое на некој начин е жртва на агресорот – таткото. Вие, како мајка, 9 години сте во тој процес на ненадминување на разводот, одлучувате сами и самохрано да го продолжите животот, грижејќи се единствено за неа, со цел таа да не ја осети напуштеноста од таткото и верувам со цел да ги балансирате сите удари што животот ви ги задава. Но никогаш не е толку едноставно, не секогаш можеме да ги спасиме децата жртвувајќи ги нашата среќа и задоволство. Се чини како животот малку да ви подзастанал.

Проверете како вие, не толку свесно, но и не толку видливо, го живеете животот на жртва, колку успевате да му се радувате на животот, да го продолжите и да излезете од тој магичен круг на злоупотребата. Можеби таа со агресивноста се брани и од тоа чувство на недоволност, безнадежност, повреда, чувство кое вие ѝ го пренесувате секојдневно и без да зборувате за тоа.
Имајќи го ова предвид, прашањето што ми се наметнува е кога вие како нејзина мајка ќе одлучите да излезете од таа долгогодишна злоупотреба и од таа неприфатена напуштеност, кога вие ќе одлучите да ги зајакнете вашите капацитети, да се обидете да бидете модел и заштита на вашето девојче, за наместо со агресија, да ги решава овие слабости многу посигурно користејќи поинаква стратегии.
Многу е значајно да ја запознаете и сопствената агресија. Сигурно таа некаде е отуѓена од вас и баш поради тоа и ве плаши агресијата на вашата ќерка. Она што сте го потиснале е вашата лутина и агресија кон вашиот сопруг. Имате многу да изразите од тоа. Затоа што она што не дозволуваме да се види и изрази, останува како токсин во семејниот систем и почнува да го труе, без да бидете свесни од каде доаѓа…

Ви препорачувам понетипични разговори со вашата ќерка, препознавање на нејзината агресија, поставување јасни граници, дури и јасно спротивставување, а не уплашеност. Воедно, многу е значајно да направите вие разлика, а да ѝ ја пренесете нејзе дека кога е уплашена и кога се чувствува ранета, се брани со агресија, и дека разбирате дека не сте ѝ понудиле подобар начин да се брани од сопствената слабост, но дека сте спремни со неа да учите некои стратегии за справување со слабост и немоќ заедно. Многу благопријатно би било доколку вашето девојче ја види вашата агресивност и асертивност на дело, а најмногу во релација со нејзиниот татко. Колку повеќе ја заштитувате, ѝ давате сигурност и ѝ покажувате дека можете да се справите со него и повредата од него, како и со неговото неоправдано отсуство, толку и нејзината агресија повеќе ќе се намалува.

Воедно, би било пожелно доколку би можеле и заедно да посетувате некои курсеви за зајакнување на вашата физичка сила и моќ, моќта на спротивставување. Многу е важно откривањето на вашите задоволства. Не е лошо целата таа енергија вашето девојче да знае да ја изрази креативно. Велите дека свири гитара, пишувањето текст/песни, во бенд или самостојно, е прекрасен канал за себеизразување. Доколку постои можност за посета на психолог, потребно е двете заедно да го посетите, а не само вашата ќерка, поточно да работите заедно на нешто што е заеднички симптом, а не само нејзин.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X