Игротека

„Ќе видиш кога ќе добиеш свое дете!“ – Да ви кажам што сум видела!

Драги родители, секоја чест! Сето ова сте го сместиле во една реченица:

– Ќе видиш кога ќе добиеш свое дете!

Да ви кажам што сум видела!

Животот навистина се менува. Како некој да ти пушта забрзан туторијал: Како да го размонтирате и повторно да го склопите моторот на тракторот. Па кој видел – видел! Луѓето мислат дека е многу важно да те прашаат како спиеш. (А сите добро знаеме дека лута рана не се допира).

Што и да било некогаш на прво место – сега е на сто и прво.

Тоа е слично на она кога си долго време сингл. Па одеднаш зад ќошот те чека бакнеж. Па имаш момче и се држите за раце. Само што никој не те прашува како спиеш. И што не си сингл, ниту пар – туку триаголник.

Само што си згазнал на познатиот број 3.

Со тој број во приказните почнува магија. Во животот почнуваат чуда.

Но, во животот истите чуда ни бегаат. Бидејќи: миеме садови, пегламе облека, чекаме во долг ред да ги платиме сметките.

Родители, зошто не сте ни рекле дека сѐ се враќа и сѐ се постигнува, а некои работи се неповторливи?

Како: кога бебето првпат ќе ждригне по половина час доење.
Како: кога чудото старо десет дена конечно ќе заспие во 3 часот наутро.
Како: кога истото чудо старо десет дена ќе те разбуди повторно по два часа.
Како: кога првиот пат ќе се насмевне и ќе ти го допре лицето.
Како: кога дише на твоите гради.
Како: кога ги трие очињата бидејќи му се спие.
Како: кога ќе сфатиш дека тоа стуткано малечко животче е твое.

Зошто сè сте сместиле во таа обична реченица: „Ќе видиш кога ќе добиеш свое дете!“
Ништо не сум видела. И ништо не ви верувам повеќе. Зошто не ни кажавте? Каде е некое логично објаснување за оваа толку голема љубов и овој огромен страв?

Не сте објасниле убаво колкава среќа можеш да поднесеш. И затоа, родители, секоја ви чест! Сѐ нѐ научивте, а не не подготвивте за ОВА.

П.С. А вие што сѐ уште немате деца… што да ви кажам? Ќе видите за што зборувам… кога ќе добиете свое дете!

Автор: Србијанка Станковиќ

Поврзани написи

To top