Многу е важно како се однесуваат родителите меѓу себе, што зборуваат пред и со децата и како им се обраќаат на децата
Најголемиот проблем во семејствата се однесува на погрешната комуникација помеѓу членовите. Начинот на комуникација во едно семејство децата го учат од своите родители и потоа им го пренесуваат на нивните деца и тоа станува установен модел на комуникација низ многу генерации. Затоа, многу е важно како родителите се однесуваат меѓу себе, што зборуваат пред и со децата и како им се обраќаат на децата.
Здравиот начин на комуникација се одликува со јасно зборување, обраќање по име и со почит, со внимание кое значи соговорникот да биде сослушан и да не се зборува во исто време, да не се прекинува и да се води сметка за тоа да зборуваме на начин на кој другиот може да нè разбере.
Здравиот начин на комуникација на родителите со децата првенствено се состои од личен пример на културно и разбрано зборување помеѓу родителите и другите возрасни во семејството, а потоа со зборување со детето кое е адекватно на неговата возраст и зрелост. Родителите кои кон децата се однесуваат со внимание, љубов, почит и разбирање, без притоа да го изгубат авторитетот како родители, ги воспитуваат децата и самите да се чувствуваат почитувани, сакани, разбрани гледајќи модел на зрели возрасни луѓе, какви што и самите ќе станат еден ден. Наспроти ова, многу родители кои во примарното семејство не научиле да комуницираат на конструктивен начин, негуваат невротска комуникација со децата која се одликува со недостиг или претерано внимание, без почит или без авторитет, како и со гестови и зборови кои кај детето предизвикуваат да се чувствува непочитувано и несакано, безвредно или премногу важно, задушено од премногу „љубов“.
Премногу често родителите несвесно ги проектираат чувствата, желбите и потребите што ги имаат за себе. Така, родителите кои се чувствуваат добро, вредно, значајно и сакано, на децата им се обраќаат со убави зборови, без многу викање. Дури и кога детето нешто ќе згреши или ќе направи нешто што не му дозволиле, добрите родители умеат да имаат мера во карањето и не му се обраќаат со погрдни зборови и не го тепаат. Тие сакаат нивното дете да се чувствува добро и ако згрешило – да научи како е правилно. Овде акцентот е ставен кон пофалбите и наградите, а казните се проследени со поуки и поддршка да ја поправи грешката.
Погрдните зборови (идиот, гуска, види се каква си, за ништо не те бидува и сл.), прекари и тепањето имаат функција на понижување на детето. Родителите што не се чувствуваат доволно вредни, значајни и не се почитуваат себеси, најчесто кон децата се обраќаат со навреди, прекари, со тепање или други понижувачки казни (кубење на косата, навредување пред врсниците или други луѓе) или закани кои имаат функција на понижување и потенцирање на немоќта на детето („ќе те згазам“, „ќе ти ги скршам забите“, „ќе ме молиш за сто денари“ и сл.) Ваквиот начин на однесување по правило е девастирачки за децата и тие рано почнуваат да развиваат невротски симптоми (гризење нокти, кубење на косата, мокрење во кревет, кошмари…) кои понекогаш го афектираат животот на детето и откако ќе порасне.
Наспроти ова, една друга категорија родители развиваат спротивен начин на непочитување на децата свесно или не – лимитирајќи го нивниот емоционален развој, така што ги опсипуваат со подароци, децата се постојан центар на внимание, им се исполнуваат сите желби, наместо по име, им се обраќаат со принц на тато, сонце, злато мамино, душо, срце на мајка, женска… Ваквиот начин на обраќање и покрај тоа што изгледа многу убаво – не е добар. На децата им е потребна нежност и љубов, но исто така и реалност – принцот на тато не е принц – тој е син. Детето не е сонце – тоа си има име и добро е да си го слуша името од своите родители, децата не се златни, ниту срциња – тие се деца, момчиња и девојчиња и си имаат имиња.
Многу родители би можеле драстично да го подобрат односот со децата ако научат да комуницираат со нив подобро. Понекогаш само неколку тераписки сеанси во оваа насока може да донесат видливо подобрување на комуникацијата со децата, но истовремено и со другите членови на семејството.
912