Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има 5 години и го запишавме во градинка на 4 години, но одеше само две недели, со секојдневно повраќање при одење во градинка и при појадок во градинката. И дома не јадеше сѐ, ама не повраќаше. Исто така, извршил долга нужда во гаќи неколку пати при заспивање поради тоа што воспитувачката им рекла да не зборуваат додека се спие, па тој од страв не кажал.
Дома е многу слободно и темпераментно дете, а во градинка и на други места – многу повлечено и тешко се здружува со деца што не ги познава. Во градинката, поради повраќањето, воспитувачките го исплашиле со зборовите: „Ќе те однесеме во болница и не им кажуваме на татко ти и мајка ти“ и „Нема да те погледнам ако повторно повратиш.“ Исто така, детето кажува дека воспитувачката го удрила. Оттогаш е многу исплашен. Ве молам за совет.

ОДГОВОР: Сепарационата анксиозност или анксиозноста од одвојување е нормална развојна фаза што ја доживуваат многу деца, обично достигнувајќи го својот врв околу 18-месечна возраст и повторно во различни моменти во раното детство, особено кога првпат почнуваат во градинка или училиште. Овие промени се нови предизвици со кои треба да се соочува детето и е природен одговор на свеста на детето за својата независност и неговата силна приврзаност кон родителите.

Иако е нормален дел од развојот, ова може да биде предизвик како за детето така и за родителот. Кога децата се соочуваат со сепарационата анксиозност, често прекумерно се прилепуваат кон родителот, протестираат при разделувањето, одбиваат да одат во градинка или училиште, имаат физички манифестации (болки во стомакот, повраќање, главоболки) лошо спијат, имаат постојана потреба да се уверат кога се враќа родителот, покажуваат регресија во однесувањето (цицање палец, мокрење во кревет итн.).
Во пораката наведовте дека детето во исто време доживувало и различни стравови кои уште повеќе ја зголемувале неговата анксиозност во приспособувањето на новата средина. А воспитувачките наместо да му помогнат, го заплашувале.

Кога зборуваме за издржливоста, зборуваме за способноста на детето да се справи со различните животни подеми и падови, а како родители, ние кај децата ја развиваме таа издржливост. Ова им помага не само да се справат со моменталните тешкотии кои се дел од секојдневниот живот, туку и да развиваат основни вештини и навики кои ќе им помогнат да се справат со предизвиците подоцна во животот, за време на адолесценцијата и понатаму во животот.

Разговарајте со вашето дете за чувствата, рефлектирајте ги неговите, а во исто време уверете го дека вие сте секогаш тука за него, покажете разбирање и развивајте емотивна врска која ќе му помогне да се чувствува сигурно, прифатено и безбедно да презема ризици и да пробува нови работи без страв од осудувања или критики.
Бидете позитивен пример и кажете како вие сте се однесувале во слични ситуации. Поминувајте време заедно, читајте сликовници или книги со ваква тематика, цртајте како го доживува стравот, како кога е среќен итн. Децата учат од нас, возрасните, а вие сте негова водилка во животот и модел преку кој тој учи. Охрабрувајте ја неговата независноста, дајте му можности да прави избори и да преземе одговорности соодветни на неговата возраста.

Градењето на издржливоста е тековен процес и од големо значење е да бидете трпеливи и да му давате поддршка. Секое дете се развива со свое темпо, затоа бидете флексибилни и приспособете го вашиот пристап за да ги задоволите уникатните потреби на вашето дете. На тој начин тој, со ваша помош, ќе развива вештини со кои ќе може да се избори со своите развојни предизвици.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X