Топло летно попладне. Горештините оваа година не го одминаа ни малото планинско мирно гратче во кое со сопругот се преселивме откако и тој и јас официјално завршивме со нашите професионални кариери и долгите години макотрпно работење. Тоа беше една од нашите заеднички животни желби и ветување од младешките денови и фала му на Бога што ни се даде можност да ја постигнеме целта. Горештините не нè одминаа, но не се онака безмилосни како во главниот град во кој ја поминавме младоста и ги уживавме и живеевме урбаните случувања.
Удобно сум сместена во мојот омилен стол-лулашка по кој мечтаев долги години, а сопругот со своите вредни раце успеа да го изработи онака прецизно и точно за да го собере моето не толку омлитавено тело, и моите артритични колкови кои сè уште, за волја на вистината, можам да ги вовлечам во некои од омилените парчиња гардероба… секако оние со поголем конфекциски број.
Секако дека уживањето не ми е целосно без добра книга во рацете. Додека го лизгам погледот низ редовите прекрасна литература, часовникот монотоно, но доволно гласно ги одбројува секундите. Во малиот двор уреден по наш вкус со јорговани и трендафили во прекрасна црвена боја се случува вистинска забава – мојот сопруг и нашите три внуки вистински уживаат во летото! Тој секогаш ги исполнува нивните желби, а тие го обожаваат како никој друг! Во дел од секунда помислувам колку среќни луѓе сме.
Што би можел човек да посака повеќе од ова? Блага, искрена насмевка ми се развлекува на усните од задоволство, а во истиот миг чувствувам како ме совладува попладневната дремка. Во дел од секунда главата нагло ми се навалува нанапред, а очилата ми се лизнуваат од носот и паѓаат врз книгата која несвесно сум ја затворила во моментот кога сум задремала. Стаклата паѓаат точно врз фотографијата на авторката чиј ведар лик ја разубавува задната страна на книгата. Нашата ќерка! Се сепнувам, а срцето ми потскокнува од радост! Си ги местам очилата и ја погледнувам со восхит и најголема почит каква што отсекогаш будела во мене. Тоа е нашата убавина. Искрено насмеана, рамената ѝ се грациозно исправени и зрачи со самодоверба – онаква каква што секогаш е! Впрочем, ја воспитувавме таква да биде. Не ја читам нејзината биографија – кој би можел да ја знае подобро од мене? Ја свртувам книгата однапред, а в очи ми паѓаат големите букви над насловот и нејзиното име „Њујорк тајмс бестселер“, вели. О, даа. Нашата голема авторка која го освои светот со своето пишување. Гордо се подисправам – тоа го наследи од мене, помислувам помалку себично.
Се враќам низ годините наназад и помислувам како можев целата своја кариера да ја поминам во една целосно некреативна сфера и уште помалку креативна средина наспроти тоа што важам и себеси се сметам за одлучна и храбра жена свесна за своите таленти и способности? Мистерија. Но неизмерно ме радува фактот дека нашата убавина ја имаше храброста да си го исполни сонот и да му се посвети на пишаниот збор и згора на тоа со својата креативност и талент да го освои срцето на светот – Њујорк! А таму со раширени раце и отворени срца ја пречекаа тетка и тетин. „Ќерка на тетка е таа“, милува да рече сестра ми. Тие беа таму, веднаш до неа кога нејзиното „првенче“ беше објавено и кога истото беше прогласено за бестселер. На почетокот не беше свесна што ѝ се случува, но нејзината мудрост брзо исплива и ја вивна меѓу најуспешните!
Задлабочена во мислите и полунасмеана, не сум ни забележала дека истава оваа убавина со прашален поглед застанала веднаш пред мене со рацете на колковите. Дури откако сочно ме бакна на челото станав свесна за нејзиното присуство. „Мамо, ајдеее. Мааамооо… Мамооо, ааајдеееее!!!“, го слушам убавиот глас на најголемава радост.
…Доцна попладне е, а сончевите зраци се пробиваат низ дупчињата на спуштените ролетни. Упатувам долг, испитувачки поглед на средината, на просторијата… тоа е нашата спална соба, потоната во полумрак, а веднаш до мене седи убавинава со разбушавени коси, тукушто станата од спиење. И повторно следува „мамооо, ајдее треба да станеме. Кога ќе си играме?“ Три и полгодишнава газела се симнува од спална и упорно ме влече за рака, а јас во бунило! Конечно сфаќам дека сето она од претходно било сладок сон! И дека борбата за себереализација и себедокажување допрва и следува, а нам ни претстои уште мноогу работа – да ѝ помогнеме да сфати што е најдобро за неа.
Ирина Микеска
Во дел од секунда ми прелетува мисла – дали и колку родителите можат и треба да влијаат врз своите деца за нивниот избор на слободна активност, обично секојдневно хоби, професија, па дури и на нивното професионално напредување? Дали во одреден момент родителите се обидуваат своите неостварени соништа, желби и амбиции да ги реализираат наметнувајќи им интерес за нив на своите деца?Дали сме до толку себични и нереализирани или сме жестоко заинтересирани за успехот на најмилите? Има ли потреба од притисок за успех на секој план?
За почеток, на пример, нели е сосема доволно секое дете да го одживее и одрасне детството онакво какво што треба да биде – калливо, разиграно, со издраскани колена, па да дојде до степен да му здосадат играњето и лудориите? Прашањава ми изгледаат застрашувачки, па се обидувам да се соземам и да сумирам. Крајно сум убедена дека е сосема доволно секое од нив да израсне во психо-физички здрава, толерантна, емоционално интелигентна, самоуверена, неискомплексирана и пред сè среќна личност. Па како резултат на тоа да се надоврзат интересот и љубовта за конкретна област за која постои особена дарба од Бога и талент што неминовно ќе доведе до успех од големи размери.
Не сакам да бидам погрешно разбрана – едукацијата е најважна за успешна иднина, но слободните и едукативните активности да бидат приспособени и соодветни за возраста. Во последно време сè поактуелни се курсевите за најмалите – курсеви по странски јазици, курсеви за програмирање за деца, часови по пеење и музицирање, часови по балет и модерни танци, разни работилници и така натаму. Сето ова сè повеќе ми личи на добар бизнис отколку на понуда за квалитетна едукација. Посетата на скапи курсеви како да стана одраз на општествената и статусна положба. Разочарува фактот дека децата израснуваат во емоционално и духовно сиромашни индивидуи додека родителите водат битки нивните најмили да се стекнат со што поголем број дипломи и сертификати од најмали нозе.
И да, што се однесува до мене, воопшто не ми е важно дали убавинава ќе се пронајде во пишувањето како ген наследен од мама или ќе се пронајде во креирање логови како ген наследен од тато. Најважно ми е таа да ужива и да го сака со сето свое срце она што ќе одлучи да биде нејзино професионално определување.
Автор: Ирина Микеска
912