доц. д-р Калина Сотироска-Иваноска, психолог

доц. д-р Калина Сотироска-Иваноска, психолог

Декан на факултетот за општествени науки при Меѓународниот универзитет Визион во Гостивар
е-пошта: kalinasotiroska@gmail.com

Повеќе од авторот

Здраво, принцезо! Многу ти е убав фустанот! Многу си слатка! Колку си убава! Сетете се, ова се коментарите што секогаш ги упатуваме при средба со девојчиња.

Кога постојано зборуваме за нешто, се испраќа порака дека таа тема е важна. Така, ако децата ги охрабруваме да бидат дарежливи и да споделуваат, тоа значи дека ја цениме великодушноста. Доколку редовно зборуваме за толерантноста и љубезноста, им укажуваме на децата за важноста на прифаќањето и доброто однесување. Соодветно, кога им кажуваме на малите девојчиња дека се многу убави, ние потенцираме дека надворешниот изглед, особено кај девојчињата, е многу важен. Кога постојано се потенцира изгледот на девојчето, се занемаруваат другите квалитети што ги поседува.

Нашата опсесија да им зборуваме на девојчињата дека се многу убави само ја развива културата опседната со изгледот.

Потенцирањето дека изгледот е најважен се поврзува со самодовербата на девојчињата отсликувајќи ја сликата на самите себе.

Притоа уште од најмали нозе се охрабруваат од околината среќата да ја поврзат со изгледот.

Дали тоа значи дека не треба да им се упатуваат комплименти за изгледот на девојчињата и жените? Не, никако не значи дека не треба да се делат комплименти. Напротив. Луѓето сакаат да слушнат дека се убави и секому му годи кога ќе слушне „прекрасно изгледаш“. Со тоа се упатува јасна порака дека изгледот е важен. Но, освен за изгледот, треба да се даде коментар и за други квалитети.

Следниот пат кога ќе сретнете мало девојче, речиси несвесно ќе коментирате колку е слатко и дека има убав фустан, но потрудете се да се фокусирате и на нешто друго, на пример, дека одлично игра, дека нацртало прекрасен цртеж, пофалете го за добрата оценка на училиште, дека е добра другарка, дека длабоко размислува и слично. Поставете и прашања со кои покажувате дека сте заинтересирани за нејзиниот живот. Побарајте да ви ја покаже омилената играчка, да ви раскаже за книгата што ја прочитала.

Прашајте ја за нејзините планови. Исто така, кажете и зошто е важна за вас. Пофалете ги нејзината упорност и љубопитност.
Не значи дека овие насоки се исклучиво за девојчињата, но најчесто фокусот кон надворешниот изглед е насочен кон девојчињата.

На момчињата на нивната околина – другарите, соучениците, браќата – им е кажано дека тие се големи, силни и дека можат да направат сѐ. Од нив се очекува да бидат подобри, посилни и попаметни. И подоцна кога малата принцеза ќе сподели свое мислење, а кое можеби ним нема да им се допадне, таа се карактеризира како премногу емотивна или лута феминистка.

Нема ништо лошо да им се кажува на девојчињата дека се убави сѐ додека еднакво им се дава вредност на квалитетите што ги поседуваат, а кои немаат никаква врска со изгледот.

Важно е да се пренесе пораката дека девојчињата се важни во целина, како единка која чувствува, мисли и се однесува, а не само како убаво лице што носи фустан.



912

X