Додека бројот на заразени ескалира, градинките се под контрола. Учителките будно ги следат децата, некои дури и престрого реагираат – децата во строј, играта ставена на дистанца, а гушкање и допирање во некои побезбедни времиња. Кое е вашето искуство?
Дали е безбедно да се посетува градинка во време на пандемија, зависи од повеќе фактори, меѓу кои каде живеете, здравјето на детето, здравјето на членовите на семејството, колку установата внимава на хигиената и какви чекори спроведува за превенција од Ковид-19.
Многу прашања создаваат немир кога станува збор за посета на градинка во време на пандемија.
Колку се внимава на хигиената? Се почитуваат ли протоколите? Како децата ја прифаќаат трансформацијата на градинката? Ако држат дистанца, како да се дружат? Дали новите правила им го нарушуваат комодитетот? Им ја расипуваат ли играта? Дали децата чувствуваат страв или стрес кај персоналот?
Во прилог неколку искуства на мајки што ги носат своите деца во градинка.
Тања, мајка на 5-годишно дете што оди во градинка во Ѓорче Петров
Мојот 5-годишен се врати во градинка во септември. Многу е среќен и најважно – јаде сè што е на менито таму, инаку додека беше дома постојано правеше проблем со јадењето и јадеше само одредени производи, често не беше расположен и поголемиот дел од денот го поминуваше пред екран. Сега се радува на дружењето со своите другарчиња и со учителките. Секој ден им пуштаат песнички, си играат и си работат по програмата. Се почитуваат протоколите, и задолжително ги носат во дворот да играат надвор. Учителките се весели, се трудат атмосферата во градинката да им биде пријатна на децата, да не ги оптоваруваат премногу со вирусот и да го поминат денот безгрижно. Децата ги знаат правилата и ги почитуваат. Син ми повторно е она дете што беше пред почетокот на пандемијата, весел, љубопитен, раскажува што цртале, што учеле, кое дете каква смешка направило и со радост станува наутро. Кога ќе ја видам среќата на неговото лице кога го земам од градинка, сфаќам дека можеме да го пребродиме ова тешко време само ако го погледнеме животот со детските очи. Очи полни со љубов, радост и страст за животот.
Деница, мајка на дете што посетува градинка во Центар
Мојот син има 3,5 години. Оди во градинка од јасли. Немавме никаква опција да се организираме со сопругот и моравме да го пуштиме во градинка веднаш штом ги отворија. Првите две недели беше пресреќен и го држеше еуфорија – промена од монотонијата на домот, повторно среќавање со другарчињата кои ги познава, поструктурирано поминување на времето. Потоа одеднаш се затвори, почна да одбива да оди, не посочува нешто конкретно што се случило, освен некаква општа констатација дека градинката е многу тажно место, со многу забрани, каде што децата не смеат да се фатат за раце, да разменат играчка и седат свртени со грб на посебни маси.
Јас разбирам дека е криза и дека има многу болни, разбирам и дека протоколите мора да се почитуваат, но мора да има инаков начин да им се помогне на децата да не ја доживуваат градинката како затвор. Цело лето се обидував неосетно да го навикнам детето на „новата нормалност“ што ќе го дочека во градинка, хигиена, дистанца, па дури и маска носи во затворен простор. Сепак, секое утро срце ми се кине кога со очи џамлии тажно ме гледа и се навраќа по 5-6 пати да ме гушне и ми вели: „Мамо, не оставај ме тука“. На 2-3 пати и панично плачеше и целосно одбиваше да влезе. Разговарав и со воспитувачката, но ништо конкретно не извлековме како заклучок, во теков на оваа недела закажав и разговор со стручно лице-психилог.
Ана, мајка на Андреј (1,5 година) кој посетува градинка во Аеродром
Со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме, задоволна сум од посетата на градинката и од начинот на функционирање. Сите утврдени протоколи се почитуваат. Хигиената во објектот е на високо ниво, немам никакви замерки, но сметам дека треба да се посвети повеќе внимание на хигиената на децата. Често го земам целиот размачкан со храна, со валкана облека, валкани раце. Знам дека се бебиња што не јадат сами, ама сметам дека може малку повеќе да се внимава. Родителите се дисциплинирани кога станува збор за почитување на времето за прием. Не се создава метеж, немаме никаков контакт, се чека ред.
Учителките, доколку забележат и најмала промена, веднаш алармираат. Еден петок, на пример, на Андреј почнал да му тече нос, веднаш побараа да го следиме и доколку има нешто да не го носиме, но за среќа не беше ништо и се среди во викендот, па понеделникот си продолжи да оди во градинка.
Александра, мајка на Нина и Никола, кои одат во градинка во Аеродром
Морам да потенцирам дека се почитува времето определено за прием, иако на многумина не им одговараше. Кога ги носам, забележувам дека по секоја ужина и оброк, децата се дезинфицираат. Мерењето на температурата дека е задолжително. Односот на учителките е подобар затоа што во групите се помалку деца и им посветуваат квалитетно време. Реагираат веднаш доколку им тече нос. Имавме ситуација со Никола, ми рекоа да проверам што е и да ја следам ситуацијата. Го однесов кај матичната и за среќа немаше ништо, а и носето престана да му тече.
Во однос на хигиената, штом влезат, веднаш ги мијат рацете, пред јадење исто така, ми сподели Нина, всушност пред секој оброк, што претходно не било толку често.
Од неа можам да добијам повеќе информации затоа што е поголема. Од муабетите заклучувам дека се разговара со нив на тема корона затоа што знае да му каже на брат ѝ: „Не седи толку блиску до мене, има вирус корона кој е многу опасен“. Ми кажа дека учителките никако не дозволувале гушкање, допирање, бакнување, а нејзе тоа малку тешко ѝ паѓа.
Генерално гледано јас сум задоволна, затоа што гледам дека тие се среќни. Вирусот постои, но и животот продолжува, не можеме да ги оставиме без социјализација. Осумте месеци дома тешко се одразија врз нив, во секоја смисла, а во градинка навистина стекнуваат одлични навики и позитивно им влијае.
Маја, мајка на Симон (1 година), кој оди во градинка во Карпош
Со тешко срце се решивме за градинка, но немавме друго решение. Голем скептик бев како сето тоа ќе функционира под протокол, дури можам да кажам дека и уште сум. Не знам колку се допираат, како играат, што им е дозволено, а што не. Знам дека Симон сè става в уста. Му растат заби, и тестира сè што ќе најде пред себе. Верувам дека и креветчето го гризе, а и топлинките. Едноставно таков е и дома. Сепак, од досегашното искуство сè се одвива во најдобар ред. Учителките се внимателни. Родителите исто така. Можеби е рано да се коментира, но има ред и дисциплина и будна совест.
Прашав во кој случај не треба да го носам во градинка, дали течење на нос е доволна причина, секако, ми потврдија. Уште втората недела почна да му тече, па два дена не одеше. Истата ситуација се повтори уште еднаш и малку ни ја отежна адаптацијата. Оти еден ден оди, еден ден не оди и малку го збунивме. Но добрата страна е во тоа што ако сите родители и сите воспитувачки така реагираат, ќе ги заштитиме децата и од сезонски настинки и вируси.
912