Воспитување

Кавгите на младите родители и како тие да почнат да се согласуваат

Ќе бидат тешки неколку месеци – да се има бебе навистина може да промени сè во вашиот живот. Но, само затоа што вие двајца во моментот имате судири во врска со родителството, не значи дека не може да се вратите во колосек и да се согласите за повеќето нешта. Кети О’Нил, автор, кажува како да се надминат најголемите родителски пречки без да се нанесе голема штета.

Кој спие помалку?

Иако има исклучоци, главно мајките почесто се будат навечер за да го нахранат, утешат или пресоблечат своето бебе, а обично и наутро кога бебето ќе се разбуди, особено ако мајката е дома, а сопругот оди на работа. Освен ненаспаноста, дополнителен извор на фрустрација може да биде ако, на пример, таткото ниту за време на викендот не станува порано за да ја преземе грижата за бебето, туку и тогаш сè ѝ остава на мајката. Кети истакнува дека сонот им е потребен на двајцата родители и расправиите околу тоа кој имал понапорна недела не водат никаде. Наместо тоа, партнерите може да се договорат и да си овозможат дополнителен одмор кога околностите им го дозволуваат тоа. Можеби некогаш тоа ќе значи доцнење на состанок со пријателите или оставање полн мијалник, но важно е да се поддржувате и да барате шанси кога можете еден на друг да си излезете во пресрет.

Кој повеќе работи?

Некои парови постојано се расправаат поради своите обврски и еден на друг си набројуваат што сè направиле во текот на денот. Во овој случај, истакнува Кети, партнерите би требало да се сетат дека се во истиот тим. Наместо да прават пописи од сето она што го направиле, би можеле тоа да го направат однапред и да ги запишат сите работи што треба да се завршат, а потоа да се поделат работите на начин кој им се чини најправеден и со кој и двајцата може да се согласат.

Зошто си постојано на мобилниот?

Не е реткост еден од партнерите, или и двајцата, во времето што би требало да биде резервирано за семејството, преку мобилниот да ги прегледува е-пораките и да одговара на нив, да чита текстови или вести на социјалните мрежи. Често тоа е поврзано со работата, од која сè потешко се одвојуваме и во нашето слободно време. Но, не смееме да заборавиме дека нашите деца уште кратко ќе бидат мали и важно е, додека сме со нив, да бидеме навистина присутни. Можете да се договорите едната соба или една маса или стол да бидат резервирани за работа. Покрај тоа, добро е да се одреди и посебно време во денот кога секој од вас може на тоа место да го направи она што е потребно и другиот би требало да го почитува тоа. Но, надвор од тоа „работно место“ немојте да користите мобилен телефон, таблет или компјутер, туку навистина посветете се на семејството.

Сè правиш погрешно

Понекогаш татковците упатуваат приговори кон мајките, но уште почесто е обратно кога станува збор за грижа за бебето, а татковците прават нешто различно. Родителот кој се грижи повеќе за бебето обично мисли дека знае како сè треба да се прави, од хранење, облекување, менување пелени, бањање, па дури и играње. Уверен е дека така е правилно, а сè што е различно е погрешно. Но, ако на својот партнер постојано му кажувате како да биде родител, сам никогаш нема да ги научи основните работи. Покрај тоа, би можеле на крајот да му замерите што секогаш вие за сè морате да се грижите. Затоа добро размислете за она што го направил погрешно. Можеби сепак не било така страшно, па ако не е нешто сериозно врзано со одгледувањето на детето, не обрнувајте внимание, советува Кети.

Никој не го цени мојот труд

На многу татковци им изгледа дека иако напорно работат за да заработат за своето семејство, на нивните сопруги тоа не им е доволно, а ситуацијата може да биде и обратна. Авторката Кети предлага искрена комуникација, но нагласува и дека давањето признание за трудот мора да биде обострано. Тоа не треба да биде нешто големо, туку: „Ти благодарам што ги фрли пелените в ѓубре“ или „О, баш убаво си го облекла бебето“, може многу да значи. Такви едноставни комплименти создаваат позитивна средина за двајцата. Ако ви е потребна дополнителна потврда, разговарајте за тоа, кажете што точно треба да направите за да се чувствувате вредно.

Недостиг на секс

Иако тоа не е правило, често е случај мажот да сака секс, а жената навечер да е исцрпена од целодневната грижа за бебето и само сака да се одмори. Ни во оваа ситуација никој не е крив, а Кети О’Нил ги советува младите мајки: „Обидете се ситуацијата да ја согледате од позиција на својот партнер: Како би ви било ако цела недела воопшто не разговарате? А некои така се однесуваат и ако помине една недела без секс. Размислете што би можело повеќе да ве заинтересира за секс. Можеби ви треба повеќе време за разговор, помалку домашни обврски во текот на денот, или малку романтика? Кажете му го тоа на партнерот. На некои парови што имаат бебе може да им биде од помош замената на ден за ноќ, бидејќи во текот на ноќта се главно преморени за секс. Исто така, би можеле однапред да резервирате време за секс и да се планира како посебен состанок со партнерот.

Автор: Шенон Гајтон

Извор

Поврзани написи

To top