Се проценува дека околу 90 % од инфекциите се предизвикани од вирусите
Инфекциите на горнореспираторните патишта се едни од најчестите инфекти во детската возраст. Почести се во есенско-зимските периоди, особено кај помалите деца.
Се проценува дека кај дете до 2-годишна возраст има просечно 4-6 вакви епизоди со инфекции во текот на годината. Околу половина од нив се придружени и со зголемена телесна температура и општи симптоми.
Типови инфекции и симптоми
Во настанувањето на овие инфекции освен предизвикувачите, кои може да бидат вирусите и бактериите, важна улога имаат и имунолошките фактори на детскиот организам, како и факторите на околината.
Се проценува дека околу 90 % од инфекциите се предизвикани од вирусите.
Постојат повеќе типови инфекции:
-Настинка
-Фарингитис или воспаление на ждрелото
-Тонзилитис или воспаление на грлото
-Ларингитис
-Бактериски инфекции на горнореспираторните патишта
Д-р Драгана Емел-Маркоска
Симптомите со кои се манифестираат се кашлица, покачена температура, болки во телото, премаленост, отежнато голтање, болки во увото, главоболка.
Еден од најчестите симптоми
Кашлицата е еден од најчестите и речиси секогаш присутни симптоми.
Кашлицата е одбранбен рефлекс кој е присутен уште од раѓањето на детето. Најчесто е реакција на акутните вирусни инфекции, т.е. тоа е обид на организмот со рефлексот на кашлање да се елиминира вишокот секрет од дишните патишта.
Според времетраењето на кашлицата, таа може да се подели на акутна и хронична. Кашлицата што трае до 3 недели се смета за акутна, а таа што трае подолго од 3 недели е хронична кашлица.
Типична возраст за појава на ларингитис е меѓу 6 месеци и 4 години, а најчесто се јавува во пролетните и есенските месеци
Акутна кашлица – какви проблеми може да предизвика
Акутната кашлица најчесто е предизвикана од вирусни респираторни инфекции. Кашлицата предизвикана од вирус најчесто трае околу една недела и не би требало да предизвикува проблеми кај децата. Но, во одредени случаи може да предизвика одредени компликации, како болки во стомакот и во градите (поради надразително кашлање), нарушување на сонот, а поради слевање на секретот, отежнати се голтањето, јадењето и спиењето.
Може да се јават и посериозни компликации, но тие сепак ќе бидат утврдени од страна на матичниот педијатар.
Ако детето кашла подолго од три дена, треба да се јави кај матичниот педијатар, каде што ќе биде утврдена причината за кашлицата.
Посебна терапија за кашлица, доколку причината за неа е вирусна инфекција, нема. Повеќе е во прашање супортивна терапија во смисла на влечење секрет од носот, употреба на затоплени пијалаци, како и инхалаторна терапија. Во домашни услови инхалациите се прават само со физиолошки раствор. Доколку е потребно, лекарот одлучува за користење медикаментозна терапија и ја одредува.
Хронична кашлица – не паничете
Ако кашлицата трае подолго од 3 недели, тогаш станува збор за хронична кашлица. Најчест тип од овие хронични кашлици е поствирусната кашлица.
Кашлицата која се појавува по прележана вирусна инфекција се смета дека е поради влијанието на вирусите на респираторниот епител. Дел од вирусите имаат разорен ефект врз епителот и како резултат на тоа се јавува преосетливост на рецепторите на кашлица. Ова значи дека по прележана инфекција и ладниот воздух може да предизвикува кашлица. Ова треба убаво да им се објасни на родителите да не се загрижуваат премногу и веднаш да се јавуваат на лекар ако по настинка се јави кашлица. Ова е многу важно бидејќи по прележана вирусна инфекција имунитетот на детето е намален и тоа дополнително го прави подложно на нови инфекции. Така, при појава на кашлица, првиот ден не се јавува веднаш на лекар, туку се спроведуваат домашни мерки како инхалации, топли напивки и витаминотерапија. Доколку ова не помогне да се намали кашлицата, тогаш родителите треба да се јават на лекар.
Настинката може да се препознае
Најчестата од горнореспираторните инфекции што се јавува е настинката. Најлесниот облик на настинка се манифестира со затнат нос, кивавица, секреција на носот, фебрилност и нарушување на општата состојба. Најчести предизвикувачи се риновирусите, но и респираторно синцицијалниот вирус, аденовирусите, вирусот на инфлуенца и параинфлуенца.
Болеста обично трае неколку дена, но поединечни симптоми може да траат и подолго, некаде до 2 недели. Секретот од носот најчесто е бистар, но по неколку дена станува заматен со различна пребоеност. На почетокот е присутна сува надразителна кашлица која може да трае и до две недели по поминувањето на настинката. Понекогаш може да се појави компликација на болеста со појава на бактериски инфекции. Терапијата е симптоматска. Се даваат антипиретици, деконгестиви за олеснување на дишењето, инхалации, чистење на носето, витаминотерапија.
Ларингитис – напад на кашлица, тешко дишење…
Горните дишни патишта се многу склони кон опструкции поради нивната анатомија. Најчеста од инфективните опструкции е ларингитисот. Тоа е воспаление на ларинксот, кој е дел од горните дишни патишта, кој анатомски продолжува кон долните дишни патишта и е најприемчив за опструктивни состојби.
Типична возраст за појава на ларингитис е меѓу 6 месеци и 4 години, а најчесто се јавува во пролетните и есенските месеци. Најчести предизвикувачи се вирусите.
По прележана вирусна инфекција имунитетот на детето е намален и тоа дополнително го прави подложно на нови инфекции. Така, при појава на кашлица, првиот ден не се јавува веднаш на лекар, туку се спроведуваат домашни мерки како инхалации, топли напивки и витаминотерапија
Анамнестички започнува два до три дена пред опструкцијата со симптоми на настинка која одеднаш, најчесто во ноќните часови, преминува во напад на кашлица која е придружена со опструкција на дишните патишта. Оваа опструкција се манифестира со тешко дишење, кашлица како лаеж на куче или на фока. Детето може да има зголемена телесна температура, но не мора.
Доколку родителите забележат одредени симптоми на ларингитис, во договор со педијатарот можат да почнат со терапија. Таа најчесто е инхалаторна и симптоматска. Доколку настане влошување на состојбата, тие треба да се упатат на лекар. Терапијата зависи од тежината на клиничката слика. Карактеристично за оваа состојба е што таа се повторува три до четири последователни ноќи, а родителите треба да го имаат тоа на ум при вакви состојби.
Кога на лекар?
Сакам да заклучам дека доколку се појави горнореспираторен инфект кој трае подолго од неколку дена или општите симптоми се изразени или има кашлица која ги вознемирува родителите, тие треба веднаш да се јават на лекар. Доколку состојбата е добра, иако детето е настинато, може да се спроведува терапија во домашни услови во консултација со матичниот педијатар и да се почека за негова посета.
Автор: Д-р Драгана Емел-Маркоска, матичен педијатар
912