Брокулата и карфиолот се воведуваат во исхраната на бебето околу седмиот месец, најпрво со веќе дотогаш воведените намирници, а подоцна и двете заедно.

Според податоците од табелата на составот на намирниците, издадени од страна на Катедрата за хигиена на Медицинскиот факултет во Нови Сад, Србија, зготвениот карфиол содржи слична количина на калциум како и свежото цвекло, калиум како лимонот, магнезиум како свежа кајсија, железо повеќе од свеж домат, а витамин Ц дури повеќе од свежа рибизла, односно како брокулата. Брокулата, пак, свежа или зготвена, е побогата со овие елементи од карфиолот и тоа е уште една причина плус зошто во периодот на нејзината сезона брокулата би можела да биде омилениот зелен зеленчук на вашето бебе.

Брокулата и карфиолот термички се обработуваат кратко, особено доколку во кашичка се додаваат само цветовите од овие намирници, без стеблото. Тогаш доволно е да ги додадете на крајот од готвењето и да готвите уште десетина минути. Секако, пред подготовка треба да се провери дали цветовите се добро измиени, бидејќи може да се случи во нив да навлезе не само прашина, туку и понекој инсект.

И двете намирници одлично одат со друг зеленчук и поради својата боја и поради својата текстура. Следуваат примери на користење на брокулата и карфиолот во исхраната на бебето од книгата на Готварскиот дневник на баба Марта, прирачник за воведување цврста храна кај бебињата, кој содржи совети и рецепти за исхраната на детето од првиот залак, па сè додека не наполни една година.

Зелено пире од карфиол и блитва

Ова јадење со необична боја може да му се дава на бебето кога ќе наполни седум месеци и тоа без жолчка, а по осмиот месец и со жолчка.

Рецепт:

Состојки – една дланка цвет од карфиол, четири листа блитва, две лажици ориз, лажица маслиново масло, зготвена жолчка.

Подготовка: Во малку вода сварете го оризот. Кога ќе биде половина зготвен, по десет минути готвење, додајте го карфиолот и гответе уште пет минути. Потоа додајте ја блитвата, која претходно сте ја исчистиле од белата дршка и сето тоа гответе го уште пет минути. По потреба може да се додава вода, ако оризот ја впие, но не премногу. По готвењето сето тоа блендирајте го, додајте лажица маслиново масло и додајте зготвена жолчка.

Пире од брокула и карфиол

Ова јадење им се дава на бебињата од седум месеци, а може да се измеша и со месо или со жолчка (по осми месец).

Состојки: еден компир, половина дланка цвет од карфиол, една дланка цвет од брокула.

Подготовка: Компирот излупете го, исечете го ситно и ставете го во сад со малку вода. Кога ќе почне да врие, додајте поголеми парчиња карфиол и брокула, кои не мора да бидат покриени со вода. Сето тоа гответе го 15 минути во сад кој е затворен, додека не омекне. На овој начин се постигнува сè да биде зготвено во исто време и да се задржи бојата и хранливите состојки. На крајот сето тоа блендирајте го или згмечете со виљушка. Густината регулирајте ја со течноста од готвењето.

Пилав со карфиол

Ова јадење е вкусно и за остатокот од семејството.

Состојки: Пилешко бело месо, еден компир, морков и магдонос, дланка цвет од карфиол, 1-2 лажици ориз.

Подготовка: Пилешкото месо, морковот и компирот се готват во помала количина вода. Кога готвењето ќе биде при крај, а доколку има премногу течност, отстранете го бујонот во посебен сад бидејќи со него подоцна ќе ја регулирате густината на пилавот. Потоа додајте го карфиолот, а набрзо потоа и лажица-две ориз, па гответе додека не омекне, околу десет минути. Густината на пилавот регулирајте ја со остатокот од течноста од готвењето (бујон). Месото ситно исечете го и згмечете го со виљушка заедно со останатиот зеленчук и ориз.

Извор



912

X